Според последниот извештај на Центарот за управување со кризи (ЦУК), во текот на изминатото деноноќие (28/29 јули 2025 година) на територијата на Република Северна Македонија се евидентирани вкупно 27 пожари на отворен простор. Од нив, седум се сè уште активни, три се ставени под контрола, додека 17 се целосно изгаснати.
Најсериозни се пожарите што беснеат на територијата на општините Василево, Радовиш и Берово, каде што е зафатена планината Голем Готен и делови од Малешевските Планини. Огнот таму зафаќа нискостеблеста шума, смрека, грмушки и сува вегетација. Во Прилепскиот регион ситуацијата е особено сложена кај селото Бешиште, каде што има кракови што се шират кон Градешница (општина Новаци) и кон јужната граница со Грција. Според информациите, на терен не се интервенира поради појава на детонации, што дополнително го отежнува гаснењето.
Активни пожари се бележат и на потегот меѓу повеќе села во Прилеп и Кавадарци – Царевиќ, Смолани, Радобил, Дрен, Галиште и Трстеник – каде што пламенот зафаќа мешана шума и ниска вегетација. Во Македонски Брод, пожарот помеѓу селата Црешево, Локвица и Крапа се проширува низ деградирана дабова шума. Други активни жаришта се регистрирани кај селото Ќосевица во општина Македонска Каменица, кај селото Ореше во Чашка и во село Горно Црско, општина Кичево.
Од друга страна, три пожари се ставени под контрола: кај селото Грешница во Македонски Брод, каде што е зафатена мешана шума и сува трева, меѓу селата Драгоево и Селце во општина Штип, и кај селото Јунузлија во Карбинци.
НАЈЧИТАНО НА ИНТЕРНЕТ...