Centar.mk
БИЗНИС

Одржана работна мисија на Светската банка во Народната банка: натамошна поддршка за унапредување на решавањето банки

Финансиски експерти од Центарот за советување за финансискиот сектор (ФИНСАК) при Светската банка остварија средба со гувернерот на Народната банка, д-р Трајко Славески и со надлежните тимови на Народната банка. На средбата се разговараше за досегашните и за идните активности во рамките на техничката поддршка којашто Центарот за советување за финансискиот сектор веќе подолг временски период ѝ ја дава на Народната банка.

Во фокусот на оваа техничка поддршка е операционализацијата на функцијата за решавање банки, во согласност со новиот Закон за решавање банки. Активностите во овој домен се насочени кон подготовка на упатства, работни процедури и алатки што ќе ѝ овозможат на Народната банка ефикасно и навремено да ги спроведува своите надлежности во оваа важна област. Станува збор за практична поддршка при градењето на капацитетите потребни за подготовка на плановите за решавање банки и при оценувањето на можноста за нивно решавање.

Покрај ова, како дел од пошироката соработка, се разгледаа и сегашните активности поврзани со управувањето со климатските ризици од страна на банките. Техничката поддршка од ФИНСАК во оваа област вклучува помош за подобрување на супервизорските пристапи преку вградување на климатските фактори во процената на ризиците на банките, како и за воспоставувањето на климатските стрес-тестови за банкарскиот систем.

Соработката на Народната банка со ФИНСАК е долгогодишна и од неа досега произлегоа значајни постигнувања, особено во делот на подготовката на подзаконските акти коишто произлегуваат од Законот за решавање банки. Решавањето банки претставува важен инструмент за заштита на финансиската стабилност, којшто овозможува контролирано справување со проблематични банки без нарушување на интересите на депонентите и на даночните обврзници. Народната банка и натаму активно ќе работи на зајакнување на регулативата и на институционалниот капацитет во согласност со најдобрите меѓународни практики, со цел да обезбеди сигурен и отпорен финансиски систем.

Можеби ќе ве интересира

29.990 ДОЛАРИ ЗА ВОЗИЛОТО, УШТЕ 299 МЕСЕЧНО – Tesla отвори ограничени нарачки за Cybercab

ДЕСК

NASDAQ ЗАВРШИ ВО МИНУС, DOW ОСТАНА ВО ПЛУС – Технологијата го повлече Волстрит во петокот

ДЕСК

БРЕНТОТ НА 95,84 ДОЛАРИ, АМЕРИКАНСКИОТ ГАС ПАДНА – Како енергенсите ја завршија неделата?

ДЕСК