Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство официјално ја започна кампањата „Македонско Најдобро: Наша традиција, наша гордост”, која има за цел да го зајакне домашното земјоделско производство и да ја подигне свеста за квалитетот на македонските земјоделски производи.
„Главни цели на кампањата „Македонско Најдобро” се: зголемување и зајакнување на домашното земјоделско производство, обезбедување просперитет на руралните средини, подигнување на свеста за квалитетот, автентичноста и значењето на домашните производи, обезбедување полесен пристап на граѓаните до домашните земјоделски производи и преработки од истите“, велат од МЗШВ.
Оттаму додаваат дека е изработена дигитална платформа makedonskonajdobro.mk преку која се овозможува:
– за земјоделците: Регистрација и промоција на свежи земјоделски производи;
– за преработувачите: Презентација на автентични македонски преработки;
– за продажните центри: Регистрација на геолокации на продажни места.
Платформата содржи интерактивна мапа „Каде да купам” која преку автоматска геолокација им помага на граѓаните да ги пронајдат најблиските продажни места за домашни земјоделски производи и преработки, со можност за филтрирање по категорија или специфичен производ.
Како што информираа од МЗШВ, во скоро време ќе се објави и посебна мобилна апликација која ќе овозможи уште полесен пристап до информации за домашните земјоделски производи и преработки.
„Со избирање на македонски производ, не избираме само храна или продукт – туку директно инвестираме во нашата економија, создаваме нови работни места и ја зајакнуваме стабилноста на нашата земја“, стои во соопштението на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство./Извор:Makfax