ЕВН Македонија и Инжeнерската институција на Македонија потпишаа Договор за стратешко партнерство, со што ги поставија првите темели на соработка со цел олеснувања и промоции на инженерски истражувања и иницијативи, иновации, одржливи проекти, како и поддршка во развојот на инженерски решенија кои се усогласени со националните и меѓународните стандарди.
Опсегот на оваа соработка опфаќа и размена на искуства, стипендии и професионален развој преку практикантска работа и можности за вработување на студенти и млади инженери.
На чинот на потпишувањето присуствуваа Управниот одбор на ЕВН Македонија и челните луѓе на Инжeнерската институција на Македонија.
„Со ова стратешко партнерство ќе се промовира размена на знаења и ескпертизи, како и обликување на иднината на енергетиката во земјава.“ истакна Претседателот на Управниот одбор на ЕВН Македонија, г-дин Волфганг Маиер.
„Потпишувањето на овој договор е чекор напред кон постигнувањето на нашите долгорочни цели и посветеноста кон иновациите и одржливиот развој, како и за популаризацијата на инженерската професија во Македонија.“ рече Претседателот на Инженерската институција на Македонија, г-дин Андреј Лепавцов.
Со потпишувањето на овој договор, ЕВН Македонија официјално стана партнер на инженерска институција, чија историја датира уште од 1920 година кога организацијата била формирана во Скопје.