Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
-МАКЕДОНИЈА

Кузеска: За неспособност за справување со пожарите, ВМРО-ДПМНЕ морбидно ја обвинува СДСМ

Одговор на новинарско прашање, Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ

Секогаш кога се бара одговорност за лошото справување со пожарите, секогаш кога се упатува критика за неспособноста на Владата, ВМРО-ДПМНЕ наоѓа начин да ја обвини СДСМ.

Овој пат отидоа чекор подалеку и тврдат дека СДСМ ги подметнува пожарите. Апсурд кој не се памети! Ако навистина веруваат во такво нешто, тогаш дали и во општините каде градоначалници се од СДСМ – каде пожарите беснеат – пожарите се подметнати од блиски на ВМРО-ДПМНЕ?

Со вакви нелогични и навредливи тврдења ВМРО-ДПМНЕ покажува двојна неспособност – прво затоа што не успева да се справи со пожарите и штетите, и второ затоа што нивните безбедносни служби, ако навистина веруваат во подметнување, не откриле ништо навремено.

Ова е матрицата на ВМРО-ДПМНЕ: кога не знаат како да се справат со криза, кога не знаат како да управуваат со системот, кога не знаат како да ги намалат штетите, секогаш обвинуваат некој друг – во овој случај СДСМ.
Ја потсетуваме јавноста дека СДСМ постапуваше одговорно и конструктивно – во Собранието ги повлековме сите амандмани и поднесовме само два: едниот за трагедијата во Кочани, другиот за подобрување на системот за справување со пожарите. Тоа се предлози кои можат да помогнат веднаш.

Еве им шанса на ВМРО-ДПМНЕ да покажат зрелост и да ги прифатат. Наместо да измислуваат непријатели и да бегаат од одговорност, време е конечно да признаат дека СДСМ е конструктивна опозиција и дека секогаш постапува во интерес на државата и на граѓаните.