Премиерот Христијан Мицкоски во текот на денешната посета на реновираниот Музеј на вода во Охрид одговарајќи на новинарски прашања даде став по однос на откупните цени на грозјето и состојбите во лозарството.
„Минатата година кога ја формиравме Владата министерот за земјоделство заедно со откупувачите и производителите имаше низа состаноци и се постигна највисока цена на вранецот и смедеревката, при така скромен род. Минатата година, мислам дека , беше некаде околу 75 милиони килограми. Тоа беше така бидејќи немаше доволно вода, системите за наводнување не беа одржувани, се соочивме со неисплатени плати на вработените во АД Водостопанство. Оваа година од информациите со кои што располагам состојбата е многу поинаква. Родот би требало да достигне, далеку од оние рекордни 150 до 200 милиони килограми, но треба да стигнеме до некои 100 до 110 милиони килограми и од оние информации кои што ги имам, цената ќе биде за нијанса повисока од таа која што беше минатата година во делот на откупот на вранецот и смедеревката. Повторно ќе биде соборен нов рекорд, така што очекувам успешна сезона за лозарите“, истакна премиерот Мицкоски.