Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
-МАКЕДОНИЈА

СДСМ: Борко Ристовски е капитен на распадот на спортот во државата

Прес-конференција, Панче Милевски – Панта, претседател на Комисија за спорт на СДСМ:

За една година Владата на ВМРО ДПМНЕ и Мицкоски, спорот го претворија во жртва на нивниот хаос, корупција и неспособност.
За ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски, спортот не е важен. Единствената преостаната надеж за младите, за достоинството и меѓународниот имиџ на Македонија – спортот, тие го деградираа, го запоставија и го свртеа против спортистите.

Наместо поддршка, спортот од власта доби игнорирање. Наместо инвестиции, доби кратења. Министерот за спорт Борко Ристовски – заборави дека некогаш бил спортист – очигледно, министерската фотелја му е поважна од принципите по кои некогаш настапувал на терен.

Наместо да ги брани интересите на спортистите – тој денес ги брани интересите на партиските шефови. Од човек кој знае што значи да се биде дел од тим, денес гледаме министер кој е капитен на распадот во спортот.

Ристовски ги изманипулира спортистите. Наместо 15 милиони евра субвенции за спортистите, во Буџетот за 2025 година се предвидоа дупло помалку – 7,2 милиони евра. А со ребалансот, Ристовски дозволи уште еднаш да се скрати поддршката на 6,7 милиони евра – најниско ниво на субвенции за спорт до сега.

Во периодот кога спортистите од екипните спортови се подготвуваат за следната сезона, секој клуб, федерација и спортист се оставени со 40% помалку средства за директна поддршка.

И за овие субвенции нема отчет како се распределуваат, нема никаква контролa, министерот не објавил ниту еден документ, правилник или критериум за распределба на средства, систем или методологија како се распределуваат средствата.
Единствениот извор на информации е алатката open.finance – каде јасно се гледа селективноста, нелогичноста на сумите кои ги добиваат одредени спортови- пристрасноста на делењето на државните пари но и потчинувањето на клубовите блиски до коалиционите партнери.

Не е објавен ниту еден извештај од ниту еден спортски субјект, ниту Записник од спроведена контрола или инспекција како ги трошат народните пари а се фалат дека дале 20 милиони евра за две години. Јасно е дека и тука парите се делат според “Партиското тефтерче на Мицковски“ – Кој го има во тефтерчето, тој добива пари.

Наместо сервис за спортистите и клубовите кои ја претставуваат Македонија во светот, министерот Ристовски се претвори во бизнисмен, а Министерството за спорт во градежна фирма. Најталентираните кошаркари од Спортската академија останаа без професионални тренери поради директно партиско мешање на Министерството за спорт и Министерството за образование во конкурсот на Кошаркарската федерација – очигледно, за нив поважно е кој е во тефтерчето, односно кој е близок до нив.

До сега најголемиот успех на Министерот Ристовски е назначување на неговиот кум/кумашин за државен секретар во Министерството за спорт. Непотизмот цвета.

Го повикуваме Државниот завод за ревизија, да спроведе вонредна контрола на целокупното работење на Министерството за спорт, да утврдат како се распределуваат државните пари за спорт, на кој начин и врз кој основ и кои критериуми се почитувани при носењето на Одлуки за распределба.

Почитувани ,

Оваа Влада, предводена од ВМРО-ДПМНЕ, успеа да го уништи и спортот – наместо да ги поттикнува младите, оваа влада ги одвраќа од спортот со понижувања и ускратени средства.

СДСМ секогаш ќе биде на страната на спортистите и ќе се бориме за чесен, транспарентен и системски поддржан спорт. Мора да го кренеме спортот на прави нозе!