Во ова една година мандат на овој пратенички состав поднесовме десетици закони како пратеници на опозицијата кои беа од интерес на државата и граѓаните, меѓутоа ниеден предлог од опозицијата во оваа една година не беше прифатен, истакна од собраниската говорница пратеникот на СДСМ Јован Митрески.
Митрески нагласи дека, бидејќи власта не прифаќа закони предложени од опозицијата, СДСМ предлага законски решенија, што содржат ветувања од изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ 1198, со која победија на изборите.
„Ова што го гледаме од овие први две гласања е дека вие како пратеници на мнозинството не си стоите на тоа што сами сте го напишале во изборната програма и на програмата со којашто сте излегле пред граѓаните и сте ја побарале и добиле нивната доверба“, нагласи Митрески, цитирајќи го Мицкоски дека оваа платформа е повеќе од клучна за да се реализира визијата за изградба на подобро општество кое им служи на граѓаните, визионерски политички план кој се потпира на модерен и прецизен пристап кон управување со ресурсите што ќе создаде услови за поквалитетен живот и динамичен економски развој.
Митрески го образложи предлогот на пратеничката група на СДСМ кој предвидува фирмите да се ослободат од плаќање на личен доход за период од една година за сите лица кои живееле во странство најмалку една година, што е дел од изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ, во делот „Добредојдовте дома“ во која враќањето на нашинците назад во татковината е приоритет на новата Влада.
„Еве поднесовме закон според тоа што вие сами сте напишале во вашата програма во програмата со којашто сте побарале доверба и во програмата со којашто сте ја добиле. Јас уште еднаш ве повикувам како пратеници на мнозинството, ако стварно верувате во својата програма, тогаш да го поддржите овој предлог, ако не го направите тоа тогаш станува јасно дека оваа програма била само предизборен кампањски трик или преведено на македонски јазик оваа програма била само лага“, нагласи пратеникот на СДСМ Јован Митрески.