Соопштение на Левица:
Со ребалансот на Буџетот за 2025 година, културата и официјално е деградирана на ниво на статистичка грешка. Со само 1,2% од државниот буџет, а по ребалансот и под 1%, ова е најниската буџетска поддршка за културата во последните 7-8 години. Но, бројките се само еден дел од поразителната слика. Вистинскиот скандал е начинот на кој Министерството за култура ја третира културата: со нетранспарентност, самоволие и игнорирање на законски обврски.
Иако Законот за култура предвидува јавно објавување на распределбата на средствата на сајтот на Министерството, таа обврска не само што не е исполнета, туку е намерно избегната. Наместо критериуми и транспарентни постапки, буџетот е делен „од ракав”, според партиски и лични симпатии, во потполна тишина. Наместо отчетност – манипулативна тишина. Наместо грижа – демонстрација на ароганција.
Секаде каде што не може да се „вработува привремено” во пресрет на избори, финансирањето е скратено. Музеи, библиотеки, институции за заштита на културно наследство, сите се препуштени на маргините. Единствено каде што нема кратења е таму каде што партискиот интерес си наоѓа простор под масата.
Платите на вработените во културата се намалени во однос на проектираното усогласување со минималната плата, во спротивност со Колективниот договор и со законите. Постојат институции кои сè уште немаат исплатено плата за месец мај, а дел од вработените се приморани да поднесуваат тужби против институциите заради незаконски изготвени решенија со кои им се намалува проектираната плата согласно законите.
Од друга страна, истото тоа Министерство троши средства за авионски билети во прва класа, за луксузни хотели, ручеци и вечери во ексклузивни ресторани додека националните институции молат странски амбасади за минимални средства со кои би го овозможиле создавањето и презентирањето на културното творештво.
Овој министер, кој доаѓа токму од културниот сектор, успеа за рекордно време да го покаже највисокото можно ниво на игноранција и незаинтересираност кон луѓето кои ја создаваат културата. Наместо поддршка – презир. Наместо развој – целосен распад.