СДСМ поднесува 160 амандмани на ребалансот на Буџетот со една јасна порака – пари за граѓаните, не за луксузот на функционерите!
„Додека граѓаните се соочуваат со поскапувања, зголемена сиромаштија и се полош животен стандард, владата одлучува во најголемиот буџет во историјата да скрати над 30 милиони евра од социјални трансфери и субвенции“, посочи пратеничката на СДСМ, Јована Тренчевска на денешната прес конеференција.
Во услови кога нема пари за: повисоки плати, нови мерки за поддршка на стандардот, детски и образовни додатоци, надоместоци за деца со попреченост, повредените и семејствата на загинатите во трагедијата во Кочани, има пари за нови луксузирања на функционерите на власта, за „стоки и услуги“, за приватни авиони, папаја и манго, рече таа.
„Со овој ребаланс власта крати пари за најранливите – за детски додатоци, образовен додаток, додатоци за деца со попреченост, лични асистенти, жртви на семејно насилство… Ова е срамно понижување на граѓаните!“, истакна Тренчевска.
Преку 160 амандмани СДСМ бара:
-Зголемување од 20% на детски додаток, парична помош за новороденче, родителски и образовен додаток.
-Зголемување од 10% на социјалната помош, надоместоци за попреченост и за нега од друго лице.
-30 милиони денари за здруженија што се грижат за ранливи категории и борба против семејно насилство.
-934 милиони денари за повредените и семејствата на загинатите во трагедијата во Кочани.
-Поддршка за студенти од социјално загрозени семејства и студенти со попреченост.
-Бесплатен превоз за ученици од руралните средини.
„Овие амандмани се реални, праведни и изводливи – но потребно е да се прекине луксузирањето и расипништвото на власта и парите да се насочат кон оние на кои им се најпотребни“, подвлече Тренчевска, повикувајќи ги сите пратеници без оглед на политичката припадност да ги поддржат.
„Време е за буџет кој ги става граѓаните во фокус, а не функционерите. Не за папаја и манго – ДА за Кочани, за децата, за ранливите, за студентите, за пензионерите, за Македонија!“, заклучи Тренчевска.