Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
фото РКЕ
ПРОМОБИЗНИС

Од 1 јуни македонските снабдувачи и трговци со електрична енергија ќе имаат можност да снабдуваат нови 1000 потрошувачи од косовскиот пазар

Од 1 јуни македонските снабдувачи и трговци со електрична енергија ќе имаат можност да снабдуваат нови 1000 потрошувачи од косовскиот пазар, каде стартува дополнителната фаза на либерализацијата на пазарот со електрична енергија. Ова беше повод Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) да иницира состанок, на кој косовскиот регулатор пред македонските снабдувачи и трговци ги презентираше чекорите како полесно да пристапат на пазарот кај нив.

„Откако ги презедовме сите неопходни активности како регулатори и извршивме взаемно признавање на лиценците за снабдување и трговија, сега сакаме компаниите да ги мотивираме да ја искористат оваа можност. Поголем пазар, носи поголема конкуренција, а бенефитот е пониски цени за електрична енергија. Сега за помалку од еден месец, односно од 1 јуни ќе бидат на располагање дополнителни 500 GWh со кои ќе може да се тргува на слободниот пазар на Косово и ова е одлична бизнис можност за наште снабдувачи и трговци.“ посочи Марко Бислимоски, претседател на РКЕ.

Претседателот на косовскиот регулатор – Канцеларија на енергетскиот регулатор од Република Косово (ЕРО) Имер Фејзулаху им посака добредојде на македонските снабдувачи истакнувајќи дека тие имаат повеќе искуство со оглед на тоа дека македонскиот пазар е одамна либерализиран.

„Ова е само меѓу чекор кон приклучување кон единствениот пазар кој го бара од нас Европската Унија. Во прилог на сите ни е да има намалени административни бариери, а зголемена конкуренција“ изјави Имер Фејзулаху од ЕРО – Канцеларија на енергетскиот регулатор од Република Косово (Energy Regulatory Office)

Со цел да се зголеми конкурентноста на пазарите во двете држави РКЕ и ЕРО во 2023 година потпишаа Меморандум за соработка со кој взаемно се признаваат лиценците за снабдување и тргување со електрична енергија.

фото РКЕ