Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
РЕГИОН

Несреќата со три жртви во Хрватска ја предизвикал пијан возач

Вчеравечер околу 23 часот во градот Подградина, во општина Сливно, Хрватска, се случи тешка сообраќајна несреќа, во која загинаа три лица.

Полициската управа на Дубровничко-неретванската жупанија соопшти дека за несреќата е виновен 73-годишен маж. При вклучување во сообраќај со патничко возило тој не ги пропуштил сите возила што се движеле по коловозот означен како пат со првенство на минување.

Тој со своето возило удрил во патничко возило со дубровнички регистарски таблички, кое, поради силата на ударот, се одбило и ја пробило заштитната ограда по што слетало во коритото на реката Мала Неретва и потонало на дното.

Загинале три лица, кои биле во потонатото возило. Станува збор за хрватски државјани на возраст од 77, 61 и 48 години.

73-годишниот маж што ја предизвикал оваа сообраќајна несреќа претрпел полесни повреди, а алкотестот утврдил дека возел под дејство на алкохол во концентрација од 1,46 г/кг. Тој моментно е во полициски притвор, каде што против него се води кривична истрага за кривично дело предизвикување сообраќајна несреќа со смртни последици, објавија хрватските медиуми./Извор:Makfax