Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
РЕГИОН

Судот на БиХ побара распишување меѓународна потерница за Додик

Судот на Босна и Херцеговина побара распишување меѓународна потерница за претседателот на Република Српска, Милорад Додик, и за претседателот на Народното собрание на РС, Ненад Стевандиќ, откако ја преминале државната граница, а по нив има распишана внатрешна потерница, пишува „Кликс.ба“.

Судот на БиХ го поднесе барањето за меѓународна потерница до канцеларијата на Интерпол во Сараево, а за да биде ефективна меѓународната потерница, треба да биде одобрена од централата во Лион.

Додик ја премина државната граница во понеделникот првпат откога беше издадена потерница за негово апсење, со што се отвори можност за распишување меѓународна потерница. По краткиот престој во Србија, веднаш заминал во Израел, каде што и денес престојува.

Граничната полиција на БиХ истражува како Додик ја преминал границата со оглед на тоа дека има информации оти делегацијата со ротација го поминала граничниот премин Рача без задолжително застанување.

Ненад Стевандиќ претходно ја мина државната граница заминувајќи за Србија на денот на големите студентски блокади на 15 март. Тој по неколку дена се врати во БиХ, а за јавноста остана непознато како се вратил во земјата./Извор:Makfax