Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Таравари: Денеска 12 пациенти се пуштаат дома, веќе имаме понуди од неколку западноевропски држави за подолгорочна рехабилитација на потешките пациенти

По завршување на редовниот состанок на кризниот штаб, министерот за здравство, д-р Арбен Таравари информираше дека денеска се испишуваат 12 пациенти од болниците во Скопје.

– Во моментот се вкупно 39 пациенти хоспитализирани во нашите болници, од кои 12 пациенти во Клинички центар, 10 пациенти во Стара градска болница, 10 пациенти во ГОБ „8 Септември“ и во приватните болници 7 пациенти. Со пуштањето на домашно лекување на 12-те пациенти, практично ќе останат 27 пациенти во болниците тука (на детска хирургија каде што имаше двајца пациенти, нема да има ниеден, и остануваат пациенти само на пластична хирургија и токсикологија). Во странство се 115 пациенти, од кои за жал 4-5 пациенти се во посериозна состојба, некаде има влошување, но нашите колеги од странство даваат максимум за да го поминат овој тежок период, истакна министерот Таравари.
Министерот информираше дека најверојатно еден пациент денес се враќа од Белград, за кој посочи дека е во добра општа состојба и минимум 24 часа ќе престојува на некоја од клиниките и ќе биде направена тријажа.

– Исто така, екипи од пластична хирургија денес веќе се на пат за Кочани каде треба да дадат помош на пациентите со изгореници кои се пуштени на домашно лекување. Екипите ќе дадат професионална поддршка таму, без да треба овие пациенти да патуваат до Скопје, рече министерот.

Воедно, министерот информираше дека има понуди од неколку западноевропски држави за подолгорочна рехабилитација на потешките пациенти, а во следните денови ќе известиме каде ќе може да бидат сместени тие пациенти доколку имаат ваква потреба.