Една нова студија на истражувачите од Универзитетот „Алто“ во Финска сугерира дека владите, меѓународните организации и истражувачите можеби значително го потцениле бројот на луѓе што моментно живеат на планетата Земја бидејќи повеќето бази на податоци не го вклучуваат процентот на луѓе што живеат во руралните области, кои тешко се следат и регистрираат.
Студијата на фински истражувачи, објавена во списанието Nature communications и која ги анализира петте најчесто користени глобални бази на податоци за населението – WorldPop, GVP, GRUMP, LandScan и GHS-POP, покажа дека официјалниот вкупен број на жители на планетата Земја, кој изнесува 8,2 милијарди, потенцијално не вклучува од 53 до 84 отсто од руралното население.
Дури и најверодостојните збирки на податоци од 2010 година се покажа дека го потценуваат бројот на рурални жители за 32 до 77 отсто, а тимот истражувачи рече дека има силна причина да се верува дека тие грешки навлегле во подоцнежните глобални бази на податоци за населението од 2015 и 2020 година, објави Iflscience.com.
„Првпат нашата студија дава докази дека значителен дел од руралното население може да недостига во глобалните бази на податоци за населението“, рече авторот на студијата, Јосијас Ланг-Ритер, кој исто така е истражувач на Универзитетот во Алто.
Студијата ги истакнува проблемите со начинот на кој се собираат податоците за населението од руралните области, особено во земјите во развој, како и регионите погодени од кризи и неиндустријализираните области.
Како пример, базите на податоци GRUMP и WorldPop користат сателити за следење на населението регистрирајќи ги ноќните светла, но оваа техника има потенцијал да ги игнорира областите без електрична енергија./Извор:Makfax