Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Малолетници помеѓу жртвите во трагедијата во Кочани, чија е одговорноста?

Во трагедијата што рано утрово се случи во дискотека во Кочани, помеѓу загинатите има и малолетни лица, соопшти директорката на Болницата во Кочани, д-р Кристина Серафимовска.

Како што кажа таа жртвите се на возраст од 14 до 24 години. Според податоците на болницата, првиот повик го добиле во 2:48 часот и дека брзо реагирале за да ги примат повредените.

Гневот на граѓаните веќе е видлив на социјалните мрежи, а едно од главните прашања е како се дозволило малолетни лица да бидат во дискотеката долго по полноќ.

Влезот за малолетници во дискотеките е забранет по закон, па се поставува прашањето каде лежи одговорноста за пропуштањето малолетни лица – дали само кај организаторите или и кај полицијата.

МВР изминатите месеци најавуваше контроли и рации по ноќните клубови, но очигледно таа медиумска акција не дала ефект, бидејќи малолетници биле пропуштани синоќа во дискотеката во Кочани.

Дополнително, роднините на повредени се жалат дека не добиваат никакви информации за состојбата на нивните блиски и не знаат ни во која болница се згрижени, ни каква е нивната состојба.