Соопштение на СДСМ:
ВМРО-ДПМНЕ уште еднаш покажа дека не знае како да се справи со реалните проблеми на граѓаните, па затоа се фаќа за евтини напади и измислени скандали. Додека цените во маркетите растат, платите стагнираат, а стандардот на граѓаните се руши, ВМРО-ДПМНЕ не само што не презема ништо, туку очајно се обидува да го дефокусира народот со апсурдни обвинувања за традиционалниот Осмомартовски марш, кој веќе години наназад е симбол на борбата за правата на жените.
Овој напад не е случаен. Тој е само уште една потврда дека ВМРО-ДПМНЕ не верува во еднаквоста на жените и дека целиот нивен партиски врв – не само министерката Кочоска – го дели истото назадно мислење. Ова е истата партија чии функционери во Владата отворено ги навредуваат жените, дискриминираат и омаловажуваат. Истата таа Кочоска која неодамна ја нападна пратеничката Славјанка Петровска, тврдејќи дека немала право да зборува за трошоците на четиричлено семејство, бидејќи немала деца. Ова не е само поединечен испад – ова е нивниот системски однос кон жените.
ВМРО-ДПМНЕ не само што нема политика за еднакви права, туку отворено се противи на секакви иницијативи што ја зајакнуваат улогата на жените во општеството. Им пречат маршевите за женски права, но не им пречи што жените во Македонија работат за пониски плати од мажите, што се дискриминирани на работните места и што секој ден се соочуваат со насилство и омаловажување.
Ова не е прв пат ВМРО-ДПМНЕ да ја покаже својата вистинска политика – против еднаквоста, против правата на жените, против секој чекор напред. И додека тие измислуваат лажни скандали, СДСМ продолжува да се бори за вистински промени, за општество во кое секоја жена има еднакви можности и почит.
ВМРО-ДПМНЕ треба да им одговори на граѓаните зошто цените во маркетите растат, а не да се бори против маршевите што ја слават женската еднаквост. Но, од нив никогаш не сме виделе ниту одговорност, ниту политика што е во интерес на народот – само манипулации и навреди кон сите што не се вклопуваат во нивната назадна матрица.