Прес конференција на Марија Митева, портал на Владата:
„Почитувани граѓани и медиуми,
Од првиот ден, нашата Влада е посветена на градење силна, стабилна и просперитетна економија, економија која дава реални резултати за нашите граѓани и бизниси. По години стагнација, неизвесност и пропуштени можности, поставивме нов курс, курс на раст, инвестиции и економска експанзија. Затоа со задоволство презентираме конкретни докази и ги повториме извонредните економски достигнувања кои ја нагласуваат силната и издржлива траекторија на раст на Македонија.
Македонскиот бруто-домашен производ (БДП) забележа раст од 3,2% во последниот квартал од 2024 година, со што вкупниот раст на БДП за целата година достигна 2,8%. Овие бројки ги одразуваат стабилните економски перформанси, поттикнати од стратешките политики, подобрените деловни услови и континуираните инвестиции во клучните сектори.
Би сакала да ги потенцирам главни фактори поради кои имаме раст на БДП.
Станува збор за раст во секторот градежништво, значителен раст од (13,2%) во овој сектор ги потврдува зголемените инвестиции и активност во инфраструктурни проекти. Повеќе јавни и приватни инвестиции, придонесуваат за зголемена активност во градежниот сектор, кој стана водечка индустрија за раст на БДП.
Го имаме и зголемениот пораст во стручни, научни и технички дејности, овој сектор пак се покажа како еден од клучните двигатели на економијата, во контекст на зголеменото внимание на иновациите, технолошкиот напредок и дигитализацијата, што директно влијае на продуктивноста и конкурентноста на македонската економија каде има пораст од 10,6%.
Подеднакво значајна вест е што 2024 година веќе постави историска пресвртница во странските директни инвестиции кои достигнаа 1милијарди и 255 милиони евра, највисока сума во историјата на Македонија. Овој извонреден прилив на инвестиции е јасен доказ за довербата што ја имаат меѓународните инвеститори во нашата економија и нејзиниот иден потенцијал.
Мораме да потенцираме дека како Влада сме спремни да ги видиме резултатите коишто ќе се однесуваат од првиот до последниот квартал 2025 година, а ќе бидат резултат на политиките на оваа Влада.
Овие резултати потврдуваат дека Македонија е на вистинскиот пат. Остануваме посветени на поттикнување на динамично економско опкружување, поддршка на бизнисите и создавање нови можности за раст и просперитет.
Ви благодарам.“