Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ЛОКАЛНОКУЛТУРА

Чевствување на 61 годишнината од смртта на Милтон Манаки

Во негова чест, на Влашките гробишта во Битола, свежо цвеќе положија, во име на општина Битола, советниците Марица Тодоровска и Борче Корлевски како и други делегации, претставници на конзуларни претставништва, вљубеници во филмската уметност и други граѓани.

Организатори на чествувањето се Кино – видео клуб ,,Студио Милтон Манаки ” од Битола и Комуната на Власите армните ,,Браќа Манаки”, со поддршка од Општина Битола.

„Денес се навршуваат 61 година од упокојувањето на Милтон Манаки и дојдовме да оддадеме достојна почит, заедно со претставници на Општина Битола, Здружението „Комуната на Власите“ и Кино клубот, како и дипломатските претставништва на Република Грција и Република Романија, Кинотека на Македонија и други институции и организации, кои изразија желба да положат цвеќе и да ја дадат својата почит кон Милтон, кој навистина, според мене, колку што е заслугата на Јанаки, заслугата на Милтон е уште поголема, затоа што во едни турбулентни времиња, тој успеа да ги сочува сите овие материјали, кои денес се чуваат дел во Кинотеката на Македонија, тоа е филмскиот материјал и дел во архивот, каде што се чува најголемиот фотографски и друг материјал, којшто секако претставува едно огромно културно богатство за Република Македонија. Материјалите се во фаза на целосна дигитализација, така што ќе може секој граѓанин да пристапи, да види и да истражува, што навистина оставиле Браќата Манаки, за нас навистина големо културно богатство“, изјави Стефче Хаџи Андоновски од Здружението „Комуната на Власите“ и Кино клубот „Милтон Манаки“.

Хаџи Андоновски, нагласи дека оваа година се одбележуваат 120 години од доаѓањето на „Камерата 300“ во Битола и предложи по овој повод да биде организиран соодветен настан со кој ќе биде одбележан овој значаен јубилеј.