Интегрален текст од денешната прес конференција на СДСМ, Богданка Кузеска – портпаролка:
Почитувани граѓани, почитувани медиуми,
Трошоците за живот постојано растат, а платите остануваат ниски, работниците се оставени сами, голем дел размислуваат да ја напуштат државата во потрага по подобри услови.
Ова е реалноста со која секојдневно се соочуваат македонските семејства.
Работодавачите имаат желба да ги зголемат платите за да ги задржат работниците, но високите придонеси се главната пречка. Наместо тие пари да завршуваат во џебовите на работниците, тие се трошат на големи давачки.
Затоа, СДСМ предлага законско решение кое директно ќе им помогне и на работниците и на компаниите а ќе ја поттикне и економијата.
Со нашиот предлог-закон, платите за 400.000 работници ќе можат да се зголемат од 3.000 до 15.000 денари, без дополнителен товар за работодавачите, бидејќи за тој износ нема да се плаќаат придонеси.
Придонесите за пензиско, здравствено и социјално осигурување ќе бидат замрзнати на просекот од последните три исплати и тоа во траење од една година. Ова значи сигурност и предвидливост за компаниите, но и повисоки приходи за работниците.
Оваа мерка ќе важи за сите работници со нето плата до 65.380 денари, што опфаќа околу 400.000 вработени во државата.
Со просечно зголемување на платата од 7.500 денари, македонските граѓани ќе добијат дополнителни 585 милиони евра годишно, што ќе значи поголема потрошувачка и економски раст.
Иако за зголемениот износ на платата нема да се плаќаат придонеси, државата и понатаму ќе наплатува 10% данок на личен доход, што ќе донесе 58,5 милиони евра во буџетот.
Со овој закон сите добиваат – работниците кои ќе имаат поголеми примања, компаниите кои нема да имаат дополнителни трошоци, и државата со остварување на приходи.
Ги повикуваме сите пратеници во Собранието, особено од ДПМНЕ, да го поддржат овој закон. Нема оправдување за негласање! Ова е мерка што значи подобар живот за граѓаните, стабилност за стопанството и развој на економијата.
Ако владејачкото мнозинство го одбие овој закон, тоа ќе биде јасна потврда дека немаат интерес за подобрување на животниот стандард на граѓаните и дека се против зголемување на платите.
ПОВЕЌЕ ОД ИНТЕРНЕТОТ...