Откако пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ и претседател на УМС, Сергеј Попов призна дека во 2014 година учествувал во сообраќајка без дозвола, од СДСМ прашуваат зошто неговата казна тогаш била како за обичен сообраќаен прекршок.
„Скандалот со пратеникот Сергеј Попов, добива нова димензија. Откако Попов, пратеник на ДПМНЕ и претседател на УМС, призна дека во 2014 година возел пијан, без возачка дозвола и направил тешка сообраќајка се поставува прашањето, како Попов добил толку блага казна? Имено според законот, за тоа дело Сегеј Попов требало да биде осуден на затворска казна, но тој поминал со 500 евра казна како да сторил обичен прекршок во сообраќајот. Дали Попов, кој тогаш со неговата партија ВМРО-ДПМНЕ влијаеле врз процесот?“ праша Стефанија Кузмановска, потпретседателка на СДММ на прес-конференција.
Таа додаде дека сите знаеме дека во 2014 година судството беше под целосна контрола на ВМРО-ДПМНЕ и тефтерчињата на Гордана Јанкуловска поради што веројатно и Попов е дел од системот кој убива и против кој се повикува на протести.
„Прашуваме, дали инсталациите на ДПМНЕ односно ‘системот што убива’ го заштитил Попов во тоа време? Бараме да се ревидира случајот на Попов во најкус рок. Бараме на увид на јавноста да се изнесе целиот процес и фактите за дивењето на Попов во пијана состојба. Го повикуваме Сергеј Попов да излезе пред младите и пред јавноста и да си даде оставка од позицијата пратеник и претседател на вмровската младина како минимум морален чин“ рече Кузмановска.
Таа додаде дека не може младите да протестираат по улиците за правда и против нефункционалниот систем и безбедност на улиците, а Попов да седи во удобната фотелја.
„ДПМНЕ и Попов се дел од трулиот систем и неправдите против кои се борат младите. Затоа ниту ДПМНЕ ниту Сергеј Попов немаат никаков образ да зборуваат за правда, ниту пак да ги повикуваат младите. Доста беше лицемерие! Младите во Македонија заслужуваат одговорни, чесни претставници – а не луѓе со кривични досиеја кои ги спасувале врските“ рече Кузмановска.