31. јануари 2025
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИС

Гачевиќ:  ЦЕФТА се покажа како клучен партнер во процесот на интеграција на регионот во Единствениот пазар на ЕУ

ЦЕФТА на Конференцијата на високо ниво за регионална економска интеграција

Секретаријатот на Централноевропскиот договор за слободна трговија (ЦЕФТА) учествуваше на Конференцијата на високо ниво за регионална економска интеграција, што се одржа на 27 и 28 јануари 2025 година во Бечиќи, Црна Гора. Конференцијата со наслов „Овозможи. Интегрирај. Расти.“ собра високи претставници на владите, функционери на Европската унија, бизнис лидери и регионални експерти, со цел да се дискутира за напредокот и предизвиците во регионалната економска соработка, како и за патот на регионот кон интеграција во Единствениот пазар на ЕУ.

Вршителката на должност директор на Секретаријатот на ЦЕФТА, Данјела Гачевиќ, учествуваше во панел-дискусијата „Напредок – Поддршка за регионалната интеграција и интеграцијата со ЕУ“. Во своето излагање, Гачевиќ ја истакна клучната улога на ЦЕФТА во унапредување на трговската соработка, елиминирање на трговските бариери и спроведување на реформи што го усогласуваат регионот со стандардите и приоритетите на ЕУ.

ЦЕФТА се докажа како клучен партнер во процесот на интеграција на регионот во Единствениот пазар на ЕУ,“ нагласи Гачевиќ. „Нашите напори веќе донесоа опипливи придобивки за бизнисите и граѓаните низ Западен Балкан, а денешните дискусии го потврдија нашиот досегашен успех и ги трасираа следните чекори. Намерата на сите нас е да изградиме регион кој не само што е меѓусебно поврзан, туку е и целосно усогласен со стандардите на ЕУ и подготвен да ги искористи можностите на Единствениот пазар.“

Конференцијата се фокусираше на теми поврзани со регионалната економска соработка преку интерактивни сесии, како што се:

  • Имплементација на Новиот план за раст – дискусија за приоритетите и стратегиите за усогласување на Западен Балкан со стандардите на ЕУ.
  • Унапредување на трговската интеграција – презентација на реформите во политиките и успешни примери што го покажуваат напредокот во олеснувањето на трговијата.
  • Претставување на регионалната соработка – славење на достигнувањата во градењето конкурентен и одржлив Заеднички регионален пазар.

Во текот на конференцијата беа истакнати и неодамна усвоените ЦЕФТА договори, кои претставуваат значајни чекори во развојот на Заедничкиот регионален пазар. Овие договори, кои опфаќаат е-трговија, достава на пратки, гео-блокирање, како и признавање на AEO програмите, управување со ризици и решавање на спорови, ја потврдуваат посветеноста на ЦЕФТА за отворање нови можности за бизнисите и граѓаните во регионот.

Нашата работа е далеку од завршена,“ заклучи Гачевиќ во своите завршни забелешки. „Целосната интеграција во ЕУ бара постојана посветеност и иновации. ЦЕФТА останува посветена на создавање економска средина во која бизнисите ќе напредуваат, граѓаните ќе имаат повеќе можности, а регионот ќе ја зајакне својата соработка со Европската унија.“