27. декември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Битиќи: Едвај 60%, власта има катастрофална реализација на капиталните инвестиции досега

Пратеникот на СДСМ, Фатмир Битиќи, на денешната собраниска седница посветена на пратенички прашања упати прашања до министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, кое се однесува за катастрофалната реализација на капиталните инвестиции.

Во продолжение интегрален текст на прашањето:

Почитувана министерке Димитриеска-Кочоска, надоврзувајќи се на претходните прашање за односот на Владата кон стопанството и транспарентноста во управувањето со јавните средства, во третото прашање до вас ќе се осврнам на вашите најави за капитални инвестиции. Ветувавте значаен напредок и динамична имплементација на национални и локални проекти – од изградба на патишта, гасоводи, училишта и градинки, до инфраструктурни системи за канализација и водоснабдување. Но, како и многу други ветувања, и ова е далеку од реализација.

Ребалансот на буџетот што го спроведовте оваа година го намали првично проектираното ниво на капитални инвестиции од над 720 милиони евра на околу 600 милиони евра. И покрај тоа, реализацијата изнесува само околу 370 милиони евра, односно едвај 60 проценти според вашите официјални податоци. На само шест дена до крајот на годината, овие бројки не покажуваат никакво поместување, што е јасен сигнал дека ветената динамика на инвестиции е само празна реторика.

За 2025 година, пак, предвидувате рекордна сума од 800 милиони евра за капитални инвестиции, што звучи исклучително амбициозно и оптимистички, особено со оглед на ниската реализација во оваа година. Паралелно, наместо намалување на буџетскиот дефицит, го зголемивте, а јавниот долг надмина 62 проценти од БДП. Дополнително, наместо намалување на трошењата и штедење, добивме рекорден буџет од 6,5 милијарди евра.

Овој оптимизам што го изразувате во делот на капиталните инвестиции е сериозно доведен во прашање, особено ако се земе предвид дека целосно го изоставувате споменувањето на Единицата за следење на капитални инфраструктурни проекти во состав на Владата. Што се случува, дали го ставивте во функција ова тело кое го формиравме со јасна цел – да ги идентификува и адресира тековните и потенцијалните предизвици во реализацијата на капиталните инвестиции.

Но очигледно, предизвиците што требаше да бидат надминати со неговото функционирање остануваат нерешени – индикатор дека недостасува политичка подготвеност за системски и стратешки пристап од страна на Владата за зголемување на ефикасноста и ефективноста во реализацијата на капиталните инвестиции.

Со оглед на ваквата состојба, моето прашање е: Како планирате да ја подобрите реализацијата на капиталните инвестиции во 2025 година и да ја надминете катастрофалната неефикасност која ја имавте во шесте месеци од годинава? Дали ќе преземете конкретни мерки за да ги постигнете најавените цели, или пак повторно ќе бидеме сведоци на недостиг од стратегија, импровизации и краткорочни политички агенди?