8. декември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ЛОКАЛНО

Битола – културата на „80 чекори“: Прекрасна атмосфера за време на културно-уметничката програма во чест на добитниците на Четвртоноемвриските награди

Битола – култура „80 чекори“ е насловот на мјузиклот кој синоќа беше изведен во Центарот за култура во чест на добитниците на четвртоноемвриските награди на општина Битола, по повод Денот на ослободувањето на градот, а во организација на Општина Битола.

Над 200 учесници на сцената, потсетија на значајни моменти од основањето на културните институции и други значајни организации, здруженија, фестивали, меѓу кои првиот настап на КУД „Стив Наумов“, првата претстава на Н.У.„Народен театар“ Битола, прв фолклорен фестивал во Битола, Радио „Битола“, основање на КУД „Илинден“ Битола, основање на „Битолски весник“, Првата опера, фестивалот „Браќа Манаки“, „СИ-ДО“, „Интерфест“, „Серенада“..

Публиката понесе многу емоции благодарение на настапот на КУД „Стив Наумов“, А.Ф. „Гоце Делчев“, КУД „Илинден“, Данка Јанковска – водител на Радио Битола во пензија, изведувачите Сефедин Бајрамов, Димитар Андоновски, Полина Тасевска, Бојан Стојков, Кирил Стојчевски Марина Коруновска, актерите Петар Мирчевски и Живко Борисовски, како и хоровите „Ѕвончиња“, „Коруновска Арс Нова“ и „Тин Поп Рокет“.

Учесниците во мјузиклот беа наградени со силен аплауз, за импресивноста со која ја вратија публиката во минатото, но и потсетија на значајноста на обележјата на градот во сегашноста.