23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Битиќи: Додека Албанија напредува кон ЕУ, Македонија останува заглавена од неодговорни политичари

Пратеникот од СДСМ, Фатмир Битиќи денес на својата Фејсбук страница го честиташе големиот чекор на Албанија – отворањето на првите поглавја за членство во Европската Унија. Во својата објава, Битиќи го истакна овој момент како значајна пресвртница која го покажува патот кон кој сите треба да се стремат, повикувајќи на сериозност во справувањето со европските интеграции на Македонија.

Но, според Битиќи, Македонија останува заглавена поради неодговорните одлуки на политичари кои го кочат напредокот на државата. Тој ја пренесе пораката на германската министерка за надворешни работи, Аналена Бербок, која јасно укажа дека без уставни измени, Македонија нема да може да ги започне преговорите со ЕУ.

„Наместо да се фокусираат на ова критично прашање, владата на ВМРО-ДПМНЕ го троши времето на дипломатски тури низ европски престолнини, додека дома, иднината на нашите млади генерации се уништува“, пишува Битиќи.

Тој предупредува дека нашите соседи го прават вистинскиот избор и се движат кон ЕУ, додека нашите деца ја губат својата шанса за подобар живот и остануваат заложници на систем кој се плаши од промени и напредок.

Битиќи порачува дека европската иднина не е далечен сон, туку достижна цел, но само доколку постои политичка волја и решителност за потребните одлуки кои ќе ја обликуваат иднината на Македонија.