13. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ЛОКАЛНО

Ристески: Цели 3 години ВМРО ДПМНЕ во Аеродром потроши на лаги, изговори и празни ветувања

Прес-конференција, Милутин Ристески, советник во Советот на општина Аеродром и претседател на ОО СДСМ Аеродром:

ВМРО-ДПМНЕ во Општина Аеродром влегува во последната година од мандатот. Цели 3 години Тимчо Муцунски и Дејан Митески потрошија на лаги, изговори и празни ветувања. Во Аеродром никогаш не било полошо, секојдневно повторуваат нашите сограѓани.

За 3 години ниту една од ветените четири нови градинки во населбите Мичурин, Острово, Лисиче и Долно Лисиче, не е ниту започната да се гради.

Условите за настава во основните училишта се катастрофални, родителите сè уште собираат средства – доброволен прилог за течен сапун, влажни марамици, тонери, хартија, клима уреди и слично. Го имавме и првиот случај на труење на над 140 дечиња од прво до трето одделение, со храна подготвена во училишната кујна.

По 5 години укинат е и проектот за бесплатни часови по пливање за првачињата и дечињата со попреченост од прво до трето одделени.

Нови 100.000 метри квадратни зеленило во Аеродром им беше ветено на нашите сограѓани пред три години. Паркот Радост на 6.000 метри квадратни во Реонски центар требаше да биде готов пред 2 години. Мицкоски присуствуваше на почетокот на активностите за подигнување на овој парк.

Општината никогаш не била позапуштена. Неискосени и пожолтени тревници, сообраќаен хаос, руинирана урбана опрема, преполни канти и контејнери, диви депонии на секој чекор се само мал дел од очајното секојдневие на нашите сограѓани.

Општина Аеродром досега требаше да добие и нова гимназија, нова општинска зграда, 3.000 нови паркинг места, вело-патеки на сите улици, нови кружни текови (меѓу Мичурин и Стар Аеродром, на бул. 12 македонска бригада, кај училиштето Љубен Лапе), нов мултифункционален центар со простории за младински центар, нов спортски центар „Пирин“ во населба Лисиче, Музеј на МЗТ, кино сала и театарска сцена во Ново Лисиче. Ништо од ова не е изградено и нема да биде изградено ни до крајот на мандатот.

Не е формиран ниту ветениот енергетски фонд за реконструкција на фасадите на зградите во Аеродром.

Еднократната помош за новороденче требаше да биде зголемена од 8.000 на 20.000 денари.

И по 3 години Општина Аеродром нема стратегијата за млади, ги нема и стипендиите за млади таленти во износ од 30.000 денари, спортските субвенции за млади во износ од 600 денари.

До крајот на 2022 година требаше да бидат завршени сите постапки за легализација, а со ова темпо нема да ги завршат ни до крајот на мандатот.

За 3 години стотици нереализирани проекти, 1.000 изговори. Жителите на Аеродром се прелажани. Лагите на Тимчо Муцунски се заманети со новите лаги на Дејан Митески и Христијан Мицкоски. Константа е само неспособноста и негрижата на ВМРО-ДПМНЕ за своите сограѓани во Аеродром.

Трпението на граѓаните е при крај. Доста е од изговори и празни ветувања. Граѓаните бараат дела, граѓаните бараат промени.