По вчерашните шпекулации, денес и официјално потврдено. Патот на Албанија и Северна Македонија кон ЕУ ќе се раздвои и Тирана треба официјално да го отвори првиот кластер со преговарачки поглавја на 15 октомври, според едногласната одлука на амбасадорите на ЕУ, соопштија за бриселски Еурактив.
Двете земји заедно беа на пат кон ЕУ и двете ги започнаа пристапните преговори во летото 2022 година. Сепак, поради споровите меѓу Скопје и Софија, отворањето на поглавје за Северна Македонија не е на повидок, што директно влијае на напредокот на Албанија во претпристапниот процес.
Сега, пишува Еурактив, Албанија треба да го направи следниот чекор кон ЕУ кон средината на октомври со меѓувладина конференција и отворање на кластерот 1 – основите.
Во кластерот 1 има неколку поглавја поврзани со правдата и основните права, јавните набавки, статистиката, слободата и безбедноста, финансиската контрола.
Кога станува збор за Северна Македонија, таа земја се договори со Бугарија за време на француското претседателство со ЕУ во јули 2022 година да го измени уставот и да го вклучи бугарското малцинство во него.
Тоа требаше да доведе до укинување на ветото на Софија и напредок во преговорите на Скопје со ЕУ. Но, поради недостаток на политичка волја и консензус во Северна Македонија, тоа не се случи и пристапниот процес беше стопиран и во Скопје и Тирана.
Откако националистичката партија ВМРО-ДПМНЕ победи на изборите во мај, новата влада на Христијан Мицкоски јасно стави до знаење дека сака повторно да преговара за т.н. францускиот компромис.
ЕУ, очекувано, ја отфрли таа можност и предупреди дека следниот чекор ќе биде раздвојување на патот кон ЕУ на Северна Македонија и Албанија за Тирана да има можност да напредува, пишува Еурактив.