12.8 C
Скопје
17. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Дали ќе дојдеше до ваков пожар ако Град Скопје не ја оставеше Универзална да пропаѓа цели две години?

Во пожар денес изгореа дек од старата конструкција на Универзалната сала и внатрешноста, а новата челична конструкција, од реновирањето кое го прави Министерството за кулутра, остана недопрена и ги издржа пламените јазици.

Новата челична конструкција со која се реновира Универзалата сала гарантира зголемена безбедност и е отпорна на пожари, бидејќи може да издржи температура до 1600 степени.

Од друга страна, останува нејасно зошто Универзална сала две години стоеше отворена и на милост и немилост на временските услови, а градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска не сакаше да ги предаде ингеренциите за реновирање на Министерството за кулутра.

Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска во неколку наврати побара да се забрза тој процес, токму од безбедносен аспект, да не се дозволи проектот да биде загрозен со тоа што на него подолго време не се работи.

Конечното префрлање на интегеренциите од Град Скопје на Министерството за култура се случи во декември минатата година, кога и продолжи реконструкцијата на објектот. Пред две недели беше поставена и новата челична купола, врз челичната конструкција.

Добрата вест по денешниот пожар е што во проектот е предвидено целосно ново уредување на внатрешноста, но останува да се види колкави се штетите и дали и колку пожарот ќе го одложи финализирањето на реновирањето на Универзалната сала.

Останува прашањето дали денешниот пожар ќе се случеше доколку Универзалната сала беше уредно реконструирана и ставена во функција согласно планот, односно доколку две години не беше оставена на милост и немилост да пропаѓа.

Министерката Костадиновска-Стојчевска денес беше во увид и кажа дека денешниот инцидент нема да го премисли министерството и да се откаже од целосна реконструкција на Универзалната сала.

„Ова е голем шок за скопјани, но и за сите македонски граѓани. Веднаш интервенирале пожарникарите и како што може да се види, пожарот е ставен под контрола“, изјави Костадиновска-Стојчевска, нагласувајќи дека е најважно што нема жртви и нема повредени.
Таа упати апел до институциите брзо да се завршат сите проверки и да се утврдат причините за пожарот, обемот на штетата и евентуалната одговорност.