25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИС

Набавена опрема за оптимизација на производството во РЕК „Битола“

АД ЕСМ набави нова опрема за оптимизација на процесот на производство во РЕК „Битола“. Системот за хомогенизација на јаглените е производство на чешката компанија „Енелекс“, реномирана фирма, која е присутна со вакви и слични инсталации во многу рудници во светот. Набавката на опремата почна во 2023 година и се користи во РЕК „Битола“ веќе неколку месеци.

Генералниот директор на АД ЕСМ, Васко Стефанов, рече дека се работи за значајна инвестиција на компанијата во насока на максимално искористување на ресурсите.

„Системот се состои од 14 автоматски единици, поставени и на багери за ископ и на транспортни траки на јаглен. Овие единици во реално време земаат примероци од јаглените што се ископуваат и транспортираат од рудниците ПЈС ‘Суводол’ и Брод – ‘Гнеотино’. Во исто време, како што се земаат примероците, се анализира квалитетот на јагленот и податоците се праќаат во софтвер, кој го следат стручни лица и одлучуваат колку количини од кој јаглен ќе се измешаат за да се постигне највисока калорична вредност на јагленот, а со тоа и ќе се произведе максимално количество електрична енергија“, истакна Стефанов.

Увид во работењето на системот денес изврши и министерот за индустрија и трговија на Република Чешка, Јозеф Сикела.

„Среќен сум што сум денес тука, во РЕК ‘Битола’, во увид на опремата набавена од нашата чешка фирма ‘Енелекс’. Морам да истакнам дека нашите две земји имаа добри односи не само во трговијата и економијата туку и во безбедноста и во геополтичките прашања. Потврда за тоа се посетите на разни државни функционери на Скопје и Прага изминатиов период. Се надевам дека ќе ја интензивираме соработката и ќе отвориме ново и уште подинамично поглавје во односите помеѓу двете земји“, рече чешкиот министер Сикела.

Министерот за економија во македонската Влада, Крешник Бектеши, порача дека работните состаноци на чешкиот колега се во насока на зголемување на динамиката на македонско-чешката трговска размена.

„Големо е задоволството да го имам на гости денес во РЕК ‘Битола’ чешкиот колега и заедно да посведочиме на заокружувањето на една голема чешка инвестиција во земјата, која треба да го зголеми квалитетот на работењето на комбинатот. Воедно, тоа ќе биде во интерес на зголемување на производството на електрична енергија во нашата држава“, рече министерот Бешктеши.

Министрите Крешник Бектеши и Јозеф Сикела во РЕК „Битола“ одржаа и билатерална средба, на која присуствуваа владини претставници од двете земји.