7.8 C
Скопје
27. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ЛОКАЛНО

„Советниците на ДПМНЕ ги интересираат само паушалите од 500 евра од седница, тие се власт во Град Скопје и во Советот и се главниот виновник што градот е под блокада“, вели Арсовска

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска во денешното обраќање во Советот на Град Скопје потенцираше дека единствено нешто за кое се заинтересирани советниците од ВМРО-ДПМНЕ е паушалот од 500 евра. Таа посочи дека советниците на ВМРО-ДПМНЕ наместо да ја оправдаат довербата на граѓаните и во Советот да гласаат за проектите и програмите во интерес на оние кои што ги гласале тие ја злоупотребуваат говорницата за популизам.

„Градоначалникот се обидува да ги реализира оние работи кои што ги ветил пред граѓаните за разлика од вас кои што ќе дојдете тука, ќе си ја искористите оваа говорница за популистички политички говори, ќе отидете во бифе ќе отседите два-три часа, ќе си го земете паушалот од 500 евра и ќе заминете дома. Така да почитувани советници ако сакате да зборувате за оставки депонирајте си ги вашите слободно затоа што вие сте тие што кочите цела година да нема нови автобуси за граѓаните, и кочите се што е од интерес за граѓаните да се реализира она кое што вие сте им го ветиле на последните локални избори“, вели Арсовска.

За иронијата да биде уште поголема советниците на ВМРО-ДПМНЕ кои бараа поддршка од граѓаните со програмата на Арсовска, денес во Советот прават се за истата да не се спроведе, велат од Град Скопје.

„Вие баравте поддршка за програмата кај граѓаните, вашиот претседател Мицкоски збореше по медиумите дека треба да се поддржи таа програма. Дури ве изнаслушавме и како кажувате дека сте ја правеле таа програма, ако сте ја правеле таа програма зошто не ја гласате? Ако се ваши проектите во програмата зошто не ги гласате“, додаде градоначалничката.

Одговорноста за проблемите со кои се соочува Град Скопје лежи единствено во Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ која е власт и го има мнозинството во Градот а ги блокира сите програми и проекти од интерес на граѓаните, соопшти Град Скопје.

„Второто лицемерие е што Вие сте мнозинство во Советот и се што не функционира во овој град е ваша одговорност, верувам дека сите го знаат тоа. Денеска не гласавте програма од областа на сообраќајот во Град Скопје, значи се што е од областа на сообраќајот во Град Скопје е закочено, веќе дојде месец април. Денеска не гласавте програма за заштита на животната средина, после немој да излезете да говорите за заштита на животна средина затоа што вие блокирате и не гласате програма за животна средина. Не ги гласате активностите од областа на локалните економски развој, не ги гласате активностите за соработка со здруженија и фондации“, посочи Арсовска.

Најголемата иронија, истакна градоначалничката на Град Скопје, е фактот што истите програми кои денес советниците на ВМРО-ДПМНЕ не ги гласаат ги гласале кога градоначалник бил Коце Трајановски од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, но ги гласале и кога ВМРО-ДПМНЕ било опозиција, а градоначалник бил Петре Шилегов.

„Не знам како и под кои услови овие програми сега не во се прифатливи, а Ви биле прифатливи кога истите програми без никакви измени наназад веќе децении сте ги гласале. Кога бил вашиот градоначалник Коце Трајановски, потполно истата оваа програма тогаш чинела, сега не ви чини. Кога бил градоначалник Шилегов ако сте биле опозиција, и тогаш ви чинела истата програма да ја гласате а сега не ви чини. Како тоа истата програма со истите работи внатре со истите точки кои треба да се имплементираат тогаш сте си ја гласале без никаков проблем, а сега не“, додаде таа.

– На лицемерието на ВМРО-ДПМНЕ му нема крај, заклучи Арсовска бидејќи „не само што советниците не гласаат за програмите туку пред граѓаните не образложуваат зошто го прават тоа“.

„И најголемото лицемерие е да не гласаш програма што е во интерес на граѓаните и да кажеш дека не е добра а не кажуваш што е тоа што не чини. Знаете зошто? Бидејќи ако кажете што не чини тоа значи дека дека не чинело ни кога бил Коце Трајановски градоначалник и кога бил Петре Шилегов градоначалник затоа што се работи за истата програма“, заклучи градоначалничката на Град Скопје.