21.8 C
Скопје
23. септември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Пендаровски: Ако бев избран во парламентот во 2019, ќе бев сменет истото попладне кога ѝ се спротивставив на власта за „Рекет“

На денешната прес-конференција претседателот Стево Пендаровски рече дека не може да знае дали некои од неговите поддржувачи ќе го дадат својот глас за Максим Димитриевски.

„Ако станува збор за овие луѓе што ме поддржуваат во оваа фаза со потписи и со јавна поддршка, се разбира дека не. Не знам како ќе биде понатау расположението. Секој е оставен да реагира според својата сопствена волја. Не би можел да предвидам. Првпат во македонската историја по 1999 година, ќе имаме најголема бројка на кандидати во прв круг и тука се можни преклопувања на тие партиски електорати. Можно е да имаме седум кандидати во првиот круг“, рече Пендаровски.

Тој одговори дека ги очекува гласовите од сите етнички заедници како и во 2014 година кога, како што рече, имал 35 илјади албански гласа.

„Без политички договор, со која било политичка партија, има граѓани од сите етнички заедници кои ме гласале и се надевам ќе ме гласаат. Поинаку и не можам да ја замислам улогата на претседател на сите. За победник на овие избори мора да бидете поддржани и преку партиски и преку етнички линии“, рече Пендаровски.

Тој рече дека ги почитува сите кандидати што се квалификувани за првиот круг и со сите нив има коректни односи.

За избор на претседател во Собранието, Пендаровски и како претседател и како аналитичар рече дека има став за тоа многу одамна, засилен со практичното искуство од последните пет години.

„Далеку е подобро да имате претседател кој е независен во однос на политичките субјекти и во однос на економските центри на моќ, кои имаат свои интереси, кога сте избирани на општи избори отколку кога сте избирани во парламент. Ако смеам да шпекулирам, во 2019 година, аферата ‘Рекет’, бев во директна колизија со ставовите на тогаш владејачката партија. Јас ви тврдам дека ако бев избран во парламентот, дури и со квалификувано мнозинство, ќе бев сменет истото попладне. Ве избира народот, многу потешко е да ја реализирате својата намера. На Македонија ѝ е потребна независна институција, која може да биде баланс не само според надлежностите, туку и според она што јавно го изјавува. Мора да постои морална вертикална, кој дури и на оние што го предложиле и го гласале ќе им каже – до тука“, рече Пендаровски.

На новинарското прашање дали Пендаровски смета дека тоа што нема дамка е негова предност пред другите кандидати, тој одговори со прашањето: Вие сугерирате дека Давкова има дамки?

„Тоа ќе го кажат граѓаните на денот на изборите. Ова што го кажав накусо за моите изминати пет години ќе бидат додатна вредност. Не би можел да шпекулирам каква ќе биде волјата на граѓаните, меѓутоа се кандидирам не само за да учествувам на изборите туку и да победам“, одговори Пендаровски.

Во однос на функционерските плати, тој рече дека кога предложил да се намали коефициентот, бил сатанизиран со критики.

„Кога во интервју побарав да го направат ова сите партии во парламентот, бев буквално сатанизиран, масакриран со критики од сите страни. Сега сакам да ги прашам зашто тогаш не го прифатија мојот предлог, да ги намалат коефициентите и да не го навлечеме сосема оправдано реалниот гнев на граѓаните и да направиме покачување на платите од 78 проценти. По оваа одлука на Уставниот суд, но немаше реакција на Владата во делот на измената на законите, секој следен штрајк, освен основните барања, вели и покачувањето на платите од истиот процент. Никој не бараше покачување на платите од 5, 10, 15, туку точно од 78 проценти. Доцна им текна, но добро е што воопшто им текна. Главната опозициска партија беше исклучително тивка кога ја донесоа таа одлука за 78 проценти“, рече Пендаровски.

Тој се согласи дека јазот е огромен помеѓу платите на обичниот граѓанин и функционерите.

„Ова не е трајно решение затоа што државата е сиромашна и граѓаните се сиромашни. Просечната плата расте, сепак е далеку од европскиот просек. Тоа треба да биде една од првите задачи на следниот парламент. Не само партиите на власт, туку ниеден од опозицијата не гукна ништо ниту, пак, рече тоа што го реков јас – дека разликата од старата до новата плата ќе ја донирам“, додаде тој.