Знаеме дека добриот сон е неопходен за добро здравје, особено за здравјето на срцето. Истражувањата покажаа дека лошиот сон може да го зголеми ризикот од срцеви заболувања. Но, дали знаевте дека положбата во која спиеме исто така игра улога за здравјето на срцето?
„Спиењето на левата страна може да предизвика суптилни промени во положбата на срцето. На некои луѓе им е дури и непријатно да спијат на левата страна, особено ако имаат срцева слабост или неодамна им бил вграден пејсмејкер“, вели кардиологот Леонард Ганц за Prevention.
Позицијата на спиење може да влијае и на одредени симптоми.
„Палпитацијата и абнормалните отчукувања на срцето може да бидат позабележителни кај некои луѓе штпо лежат или спијат на левата страна. Сепак, не е јасно дали лежењето на левата страна ги зголемува шансите за развој на аритмија и дали тоа влијае на прогресијата на болеста“, додаде д-р Ганц, цитиран од хрватски „Индекс“.
Затоа кардиологот ги советува оние што чувствуваат некакви промени во работата на срцето при лежење на левата страна да изберат поинаква положба.
Оние што страдаат од рефлукс на киселина или гастроезофагеален рефлукс, од друга страна, може да имаат корист од спиењето на левата страна, според лекарите.
Во овој момент нема доволно истражувања за да се докаже која положба на спиење е најдобра за здравјето на вашето срце ако веќе немате срцеви заболувања. Најважно е добро да се одморите.
Она што е познато е дека лежењето на грб може да го влоши пулмоналниот едем кај луѓето со конгестивна срцева слабост. Некои луѓе со срцева слабост велат дека им е потешко да дишат кога лежат или спијат на левата страна.