25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИС

Просечната плата ќе биде 60.000 денари, а минималецот 36.000 денари – ветува власта

Ветувањето кое го даде поранешниот премиер Зоран Заев уште во кампањата 2016 година дека просечната плата во земјава ќе биде над 500 евра е одамна исполнето, а просечната плата оваа година се искачи на историски највисоко ниво и сега изнесува 40.000 денари.

-Просечната плата СДСМ успеа да ја покачи на историски највисоко ниво од 40.000 денари! Тоа се 650 евра. Во времето на ДПМНЕ, просечната плата беше едвај 22.000 денари или 360 евра. СДСМ не само што го исполни своето изборно ветување за 500 евра просечна плата туку и го надмина на 650 евра, рече вчера на прес-конференција Дарко Каевски, портпарол на СДСМ.

Сега, од СДСМ повторно ветуваат дека платите ќе растат уште повеќе. Велат дека во следниот мандат, доколку ја добијат довербата на граѓаните, ќе дојдеме до над 1.000 евра просечна плата и минимална плата од 600 евра.

-Во новиот мандат, во новата програма ќе работиме да дојдеме до над 1.000 евра просечна плата и минимална плата од 600 евра. Со правилни политики ова е достижно, затоа што ние покажавме дека овие историски највисоки нивоа кои денес ги имаме, се исто така достижни, рече Каевски.

Минималната плата зголемена повеќе од двојно од 2017 година

Од 2017 година минималната плата постојано растеше и сега изнесува 20.175 денари. За 6 години минималната плата се зголеми 4 пати, а следниот месец ќе има ново покачување.

Прво се зголеми на 12.000, потоа на 15.200 денари, па на 18.000, а од минатата година таа изнесува 20.175 денари.

За сите вработени, од месец март 2024 година, минималната плата ќе се зголеми на 22.500 денари.

Пред само неколку години минималната плата изнесуваше само 8.800 денари, а околу 90.000 работници во чевларската, текстилната и кожната индустрија беа дискриминирани и земаа плата пониска од законскиот минимум.