27. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Македонија напредна за два индексни поена и девет позиции според Индексот на перцепција на корупцијата за 2023 година

Македонија напредна за два индексни поена и девет позиции на најновата листа на „Транспаренси интернешнл“, која го оценува напредокот на земјата во борбата против корупцијата. Според Индексот на перцепција на корупцијата за 2023 година, Македонија се наоѓа на 76. место со 42 индексни поена во споредба со 2022 година кога беше на 85. место со 40 индексни поени.

Од земјите во регионот, најдобра, иако без промени во однос на минатата година, е Хрватска со 50 индексни поени и се наоѓа на 57. позиција. Најлошо рангирана, иако со напредок од еден индексен поен, е Босна и Херцеговина, која се наоѓа на 108. позиција. Грција има пад од три места и се наоѓа на 59. место со 49 индексни поени. Црна Гора со напредок од 1 поен е на 63. место со 46 индексни поени. Бугарија има напреднато за две места и се наоѓа на 67. место со 45 индексни поени. Албанија има напреднато за една позиција и се наоѓа на 98. место со 37 индексни поени. Косово, без поместување со 41 поен, е на 83. место, а Србија нема поместување и се наоѓа на 104. место со 36 индексни поени.

Најголем скор и годинава има Данска со 90 индексни поени по што следува Финска со 87 и Нов Зеланд со 85. Најлошо рангирана е Сомалија со 11 индексни поени по што следуваат Венецуела, Сирија и Јужен Судан со по 13 индексни поени.

Во извештајот се нотира дека во септември 2023 година Собранието на Северна Македонија значително го поткопало судството. Во нетранспарентна и брза постапка пратениците го измениле Кривичниот законик намалувајќи ги затворските казни и рокот на застарување на делата за злоупотреба на службената положба. Ова, се вели во извештајот, ќе предизвика околу 200 сомнителни случаи на корупција да бидат отфрлени, од кои многу вклучуваат поранешни високи функционери.

Индексот на перцепција на корупцијата за 2023 година, генерално, покажува дека корупцијата напредува во целиот свет.