27. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Шекеринска, Маричиќ, Ковачевски: Успешниот скрининг потврдува дека имаме капацитет за брза европска интеграција, уставните измени единствена пречка за тоа

Денеска, се одржа настан во рамки на проектот „Ревидиран процес на проширување на Европската Унија: Нов геополитички контекст, нови можности, исти ризици“ во Галеријата на Даут Пашин Амам, организиран од Фондацијата Фридрих Еберт – канцеларија Скопје и ПолитикУм – Институт за одржливи и иновативни политики.

Директорот на Фондацијата Фридрих Еберт во Северна Македонија Петер Хурелбринк во своето воведно излагање истакна дека политиката за проширување стана тест за кредибилноста на Европската Унија, тој посочи да бидеме оптимисти и се надева дека новата динамика за којашто денеска се дискутира постои и ќе доведе до нови можности.

Претседателката на ПолитикУм и потпретседателка на Партијата на европски социјалисти (ПЕС) Радмила Шекеринска потенцираше дека добрата вест е дека околу тезата за проширувањето веќе нема дилеми во ЕУ, а лошата вест е дека за нас во Северна Македонија и за Западниот Балкан тоа не е доволно.

Во однос на уставните измени, Шекеринска посочи дека доминирал заклучокот дека ниту еден експертски или политички фактор изминатава година не излегол со листа во која ќе каже дека уставните измени се некаков ризик по државата и изјави дека тие се нашиот дел од работата што треба да бидат завршени.

На панелот насловен „Геополитичко проширување на ЕУ: Нови можности, стари ризици?“ се обратија претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски, заменик на претседателот на Владата за европски прашања Бојан Маричиќ, претседателот на Делегацијата во Мешовитиот парламентарен комитет ЕУ-Република Северна Македонија Андреас Шидер и претседателот на „ЕЛИАМЕП“, професор на Универзитетот во Атина, Лукас Цукалис.

Ковачевски истакна дека ние никогаш не сме имале појасен заклучок на Европскиот совет, а во заклучокот еден параграф стоеше дека Северна Македонија успешно го заврши процесот на скрининг, останува да ја заврши својата обврска за изнесување на уставните амандмани и без одлагање и дополнителна одлука Европскиот Совет ја закажува втората меѓувладина конференција на која се отвораат сите поглавја.

Маричиќ порача дека единствената причина зошто годинава не се отворил првиот кластер од преговорите е што немало гласање за уставните измени и покрај сите завршени обврски. Тој упати честитки до целиот тим кој со голем ентузијазам работел во изминатиот период и порача дека сега битката во земјава е битка за консензус на Северна Македонија во Европската Унија до 2023 година.

Шидер нагласи дека Европскиот Парламент ја поддржува Северна Македонија и информираше дека минатата недела се заврши дијалогот Жан Моне со претставниците од Собранието и не охрабри да продолжиме со вложување во напорите, а ЕП ќе продолжи со поддршката.

Цукалис изјави дека Северна Македонија има долго и фрустрирачко искуство со Европската Унија и мило му е што зад нас е преспанскиот договор и доаѓа како сосед што верува дека земјава ќе се вклучи во ЕУ и Грција ќе стори сѐ да се случи.