Претседателот на Собранието, Талат Џафери, оствари работна средба со директорката на Женевскиот центар за управување со безбедносниот сектор – ДЦАФ, амбасадорката Натали Шуард.
На средбата присуствуваа генералната секретарка на Собранието, Цветанка Иванова, и претставници на ДЦАФ.
Џафери се осврна на достигнувањата во меѓусебната соработка на Собранието и ДЦАФ во имплементацијата на Програмата за реформи во разузнавачкиот и безбедносниот сектор во Република Северна Македонија со акцент на постојаното подобрување улогата на Собранието во надзорот врз разузнавачко-безбедносната сфера. Во однос на улогата и придонесот на ДЦАФ за изградба и операционализирање на заштитената соба во Собранието, претседателот Џафери изрази задоволство што процесите се во тек, а со изградбата на ваквата соба се создаваат услови за водење класифицирани состаноци на работните тела за надзор. Претседателот Џафери информира и за текот на процесот за избор на Советот за граѓански надзор на Северна Македонија и за измените на Законот за следење на комуникациите, со што се овозможи ставање во функција и непречено работење на Советот за граѓански надзор на законитоста над спроведувањето на мерките за следење на комуникациите.
Амбасадорката Шуард, посакувајќи успешни претседателски и парламентарни избори во 2024 година, го истакна задоволството на ДЦАФ од одличната досегашна соработка, која се темели на институционална меморија, и нагласи дека за ДЦАФ е особено важно што е активен поддржувач на приоритетите на Собранието и на државата во сферата на безбедност и надзор преку процеси што ги вклучуваат не само пратениците туку и собраниската служба. Во ДЦАФ се особено охрабрени од фактот што пратениците со законските измени овозможија не само услови туку и финансиски средства за работа на членовите на граѓанскиот Совет.
Соговорниците изразија посветеност и уверување соработката со ДЦАФ ќе продолжи и во иднина имајќи ги предвид добрите темели што се поставија во текот на имплементацијата на меморандумот за соработка потпишан во 2021 година.