25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Правда побара Палевски да биде задржан во притвор во Турција до екстрадицијата

Министерството за правда од надлежните турски власти побара Љупчо Палевски да биде задржан во притвор поради екстрадиција се’ до завршувањето на постапката.

Македонија очекува Турција веднаш да постапи по барањето.

„Министерството за правда денеска во 09:20 часот доби официјално известување од Интерпол, дека лицето Љупчо Палевски, баран со меѓународна потерница е лишен од слобода во Турција. Министерството за правда ја отпочна постапката за екстрадиција и ги прибира сите документи од институциите кои се потребни за нејзина реалзиација. Направени се контакти со ЈОРСМ и ОЈО Скопје за да се комплетираат уредно списите како би можело Министерството за правда да постапува. Во координација сме со сите засегнати институции за да постапиме веднаш и нема да чекаме да измине рокот од 40 дена за да го доставиме барањето за екстрадиција.
Во постапката треба да ги преземе следните активности: Треба да ги примиме списите; Треба да се изготви барање за екстрадиција; Сите документи треба да се преведат на турски јазик (ОЈО ги преведува своите а Министерството за правда барањето за екстрадиција); Се праќа по ДХЛ (претходно праќаме електронски преку ИНТЕРПОЛ)“ обајви Министерството за правда.

Во однос на законската постапка за екстардиција, Министерството за правда постапува по добиено известување дека лице барано по меѓународна потерница е лоцирано или лишено од слобода во странска држава. Откако ќе се добие тоа известување (најчесто од МВР – СМПС – ИНТЕРПОЛ) се прибавуваат списи од органот кој ја издал наредбата да се распише меѓународната потерница. Кога ќе се добијат списите од органот кој ја издал меѓународната потерница се пристапува кон изготвување барање за екстрадиција.

Министерот за правда, или лице овластено од него, го потпишува барањето за екстрадиција. Потоа комплет списите се праќаат до централниот орган (најчесто Министерство за правда) на државата каде што е бараното лице. По завршување на постапката пред странската држава се договара превземање на лицето преку Министерствата за внатрешни работи (канцелариите на ИНТЕРПОЛ).