Министерот за здравство, д-р Фатмир Меџити, утрово, прими вакцина против сезонски грип на вакциналниот пункт за здравствени работници, кој е отворен во Институтот за јавно здравје. Вакцинацијата против сезонскиот грип се спроведува на територијата на целата држава во центрите за јавно здравје и во некои од здравствените домови во Скопје. Секој граѓанин може да се пријави на веб-страницата vakcinacija.mk и ќе добие СМС-порака со ден, време и точно место, на кое може да дојде и да се вакцинира против сезонскиот грип.
„Ги повикуваме заинтересираните граѓани да се пријават за вакцинација, вакцините се безбедни и ефикасни. Годинава, Министерството за здравство обезбеди 60.000 вакцини наменети за имунизација на ризичните категории граѓани и здравствените работници. Вакцините за нив се бесплатни. Дополнително, центрите за јавно здравје обезбедуваат вакцини за комерцијална употреба“, велат од Министерство за здравство.