24 октомври 2023, Скопје – Педесет милиони евра средства наменети за зелени и социјални инвестиции обезбедени од Француската развојна агенција ќе бидат достапни преку Развојната банка на РС Македонија. Ова претставува старт на работата на оваа Агенција во земјава која ќе придонесе за унапредување на односите помеѓу нашата земја и Франција, како и дополнителен поттик за достигнување на европските стандарди. Ова беше констатирано на денешната средба на министерот за финансии Фатмир Бесими со Арнауд Дофин, регионален директор за Западен Балкан во Агенцијата и Максим Лебовиц, заменик-директор за Западен Балкан во Агенцијата.
На средбата министерот Бесими изрази благодарност до Агенцијата за нејзината посветеност и напорна работа во создавањето на оваа прва програма и истакна дека очекува постапката за обезбедување на овие средства да биде заокружена на почетокот на идната година и средствата да станат достапни за користење преку Развојната банка.
„Ова претставува прва активности на Агенцијата во земјата по нејзиното воспоставување, a чие делување ќе придонесе кон поттикнување на соработката помеѓу бизнис заедниците од двете земји, зајакнување на поддршката на економскиот и социјален развој на земјата. Средствата ќе бидат наменети за реализација на инвестиции во проекти за заштита на животната средина и намалување на негативните ефекти од климатските промени, поддршка на женско претприемништво, како и финансирање на процеси на дигитализација“, рече министерот за финансии и додаде дека ова претставува само почеток на една успешна соработка на програми кои ќе се реализираат во иднина.
Имајќи ја предвид нејзината европска агенда, Агенцијата ќе има особено придонес за спроведување на регионалната интеграција, агендата за поврзување, економски развој и социјална кохезија, еколошка и енергетска транзиција, како и иновации и дигитална економија. Можности за соработка има во многу области како што е енергетскиот сектор, здравствениот, образованието, земјоделството, водите, транспортот, урбаниот развој и слично.
Дејствувањето на Француската агенција за развој, која е најстара развојна агенција во светот, дава огромни можности за поддршка на развојот на РС Македонија, како на демократскиот така и на економскиот развој, а во насока на побрзо и полесно постигнување на критериумите за членство во ЕУ.
Воспоставувањето на дејноста на АФД во земјава значи поддршка на долгорочен план за постигнување на економски и социјален напредок кој, вели, ќе не однесе конечно кон европска интеграција, но и регионална. Таа дејствува во земјите од регионот и повеќе од 110 земји во светот, со 14 милијарди евра годишни инвестиции и буџет за земјите од Западен Балкан од околу 300 милиони евра.