24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Николова: Мицкоски и Муцунски лажат дека Општина Аеродром нема подршка од Владата

 

Интегрален текст од прес-конференцијата на Даниела Николова, пратеничка на СДСМ:

Во недостаток на изговори за двете години потрошени во неработење и лажни ветувања Тимчо Муцунски и Христијан Мискоски упорно ги лажат граѓаните дека немале поддршка од Владата за Општина Аеродром.

Владата предводена од СДСМ изгради целосно нов објект на училиштето „Димитар Македонски“ во Лисиче, со капацитет од над 700 деца во вредност од над 60 милиони денари.

Реконструкцијата на патот во Долно Лисиче кој ги поврзува Јурумлери и Драчево, во должина од 4 километри, во вредност од 800.000 евра, е изведена од ЈП за државни патишта.

Владата на СДСМ учествуваше со над 30.000 евра во реконструкцијата на 10 краци на водоводната мрежа во Долно Лисиче. Околу 126.000 евра издвои Општина Аеродром заедно со Владата за реализацијата на овој проект во 2018 година.

Реконструкцијата на улиците Мите Богоевски и Црноризец Храбар во населба Лисиче во вредност од 43 милиони денари е целосно финансирана од Владата преку Министерството за транспорт и врски.

Муцунски доби и донација од Државната лотарија во висина од 2,6 милиони денари за реконструкцијата на дворот на училиштето Браќа Миладиновци во населбата Острово.

Летово Министерството за внатрешни работи почна да го гради новиот објект на полициската станица во Аеродром во вредност од 130 милиони денари.

Спротивно на ова, од Тимчо Муцунски и ВМРО-ДПМНЕ во Аеродром уште ги чекаме ветените 4 нови градинки (во Мичурин, Острово, Лисиче и Долно Лисиче), проширување и реконструкцијата на објектите на градинките Сонце, Лале и Пчелка, новиот парк „Радост“ на 6.000 метри квадратни во Реонски центар, новата гимназија, новата општинска зграда, новиот кружен тек меѓу Мичурин и Стар Аеродром, новиот мултифункционален центар со простории за младински центар, новиот спортски центар „Пирин“ во населба Лисиче, новата спортска сала во Долно Лисиче, музејот на МЗТ, кино салата и театарската сцена во Ново Лисиче, зголемената еднократна помош за новороденче од 8.000 на 20.000 денари, стратегијата за млади, стипендиите за млади таленти во износ од 30.000 денари, спортските субвенции за млади во износ од 600 денари и завршувањето сите постапки за легализација.

Иако наследи полна општинска каса, Тимчо Муцунски потроши два општински буџети, а ништо од овие ветувања не реализираше.

Додека беше пратеник, како претседател на собраниската комисија за финансирање и Буџет, Тимчо Муцунски го блокираше носењето на законот за заем од Светска банка за реконстукција на локални патишта повеќе од една година.

Дали е тоа истиот Тимчо Муцунски кој сега како градоначалник бара заем со обврзница во висина од 5,5 милиони евра, со рок на отплата од 10 години и 5% годишна камата? При тоа, потенцирам дека Општина Аеродром е доведена во ситуција да бара заем за прв пат од нејзиното основање.

Ете тоа се резултатите од работењето на Тимчо Муцунски и ВМРО-ДПМНЕ во Аеродром. Две години само лаги, неработење и празни изговори.