10.8 C
Скопје
18. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Да се направи план, анализа и да се достават можни локации за дислоцирање на мечките – Владата ги задолжи институциите

Владата на денешната седница ја разгледа и усвои Информацијата по однос на состојбата на кафеава мечка (Ursus arctos L.), дивеч под заштита кој е трајно забранет за лов и зголемениот обем на штета која овој дивеч ја причинува врз имотот и добрата на граѓаните на државава.

Владата ги задолжи надлежните институции да се преземат конкретни мерки во однос на усвоената Информација. Министерството за животна средина и просторно планирање во рок од 12 месеци треба да изработи акциски план за управување со кафеава мечка (Ursus arctos L.) за територијата на Македонија.

Министерството за животна средина и просторно планирање е задолжено во рок од 3 месеци да направи анализа од регионот за формирање интервентен тим за крупни ѕверови и да ја информира Владата. Исто така, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Министерството за животна средина и просторно планирање во соработка со научни институции се задолжуваат во рок од 3 месеци да достават можни локации каде би можеле да се дислоцираат/префрлат кафеавите мечки.

Воедно, директорот на Центарот за управување со кризи е задолжен да ја организира координацијата на активностите на институциите во спроведување на мерките, да организира и спроведува контрола над нивната имплементација како и да предлага нови мерки покрај донесените и препорачани од надлежните институции за создавање на услови за намалување на појавата на кафеава мечка во урбана средина.