14. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Јанкулоска од 1 ноември излегува од затвор

Апелациониот суд Скопје информира дека на нејавна седница на 4 октомврри, одлучуваше во рамките на предметот оформен по молбата за условен отпуст на осудената Гордана Јанкуловска од Скопје.

Постапувајќи по кривичниот предмет КР-133/23, Кривичниот совет на Апелациониот суд Скопје, донесе решение со кое ја одби како неоснована жалбата на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција Скопје, а ја уважи жалбата на осудената Гордана Јанкуловска од Скопје, при што Решението на Кривичниот совет на Основниот кривичен суд Скопје го преиначи и ја отпушти осудената на 1 ноември годинава од издржување на казната затвор, под услов до истекот на условниот отпуст, 28 септември следната година, да не стори ново кривично дело.

„Заради транспарентност во работењето, Апелациониот суд Скопје информира дека при одлучувањето ги имаше предвид списите приложени кон предметот, пред се податоците добиени од установата каде осудената ја издржува казната затвор. Имено, судот ги ценеше личните прилики на осудената, особено околноста дека осудената е мајка на петгодишно дете, кое било лишено од мајчинска грижа и воспитување, а посебно ценејќи ги предвид податоците од Установата каде осудената ја издржува казната затвор, со оглед да осудената ги почитувала правата и обврските кои произлегуваат од куќниот ред на затворот, истата се вклопила во домската средина во која имала максимално пријателски односи со останатите осудени лица и не манифестирала насилни и конфликтни однесувања, имала развиено чувство за лична и општествена одговорност и однесувањето и било во склад со општествените норми“, образложува судот.

Во досегашниот издржан дел од казната во ниту еден момент не биле евидентирани прекршоци на одредбите од куќниот ред, го почитувала истиот и имала примерно поведение, а воено и коректен однос кон службените лица.

„Сметано од 25.10.2022 година, осудената била работно ангажирана во библиотеката на женското одделение и својот ангажман го извршувала со посветеност, навремено и во целост, користела и погодности надвор од установата, што упатува дека осудената се поправила до степен што основано може да се очекува дека на слобода добро би се однесувала и дека нема да врши кривични дела, со што е остварена и целта на казнувањето предвидена со чл.32 од КЗ“, велат од апелација.