15.8 C
Скопје
20. септември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Мора да ја градиме Северна Македонија како демократска и функционална правна држава, со еднаквост пред законите, порача Пендаровски

Слободата и правдата се идеали што ја придвижуваат човековата историја. Понесени од овие идеали, на 11 октомври 1941 година, 16 млади борци од прилепскиот партизански одред „Гоце Делчев“ ги нападнаа симболите на фашистичката окупаторска власт и го означија почетокот на македонската народноослободителна и антифашистичка борба.

Со овој чин, македонскиот народ и македонските граѓани станаа дел од големата антихитлеровска коалиција. Слободољубивите мажи и жени од сите етнички, верски, социјални и идеолошки позадини се обединија во широк народноослободителен фронт во кој се бореа и изборија за слободна македонска држава во свет ослободен од злото на фашизмот, истакна претседателот на државата Стево Пендаровски, по повод 11 Октомври – Денот на народното востание.

Носители на таа праведна борба, како што вели, беа младите луѓе.

„Тие сонуваа за слободно, праведно и солидарно општество во коешто секој негов член ќе има достоинствен живот. За да ги зачуваме придобивките на славната антифашистичка генерација, ние мора да ја градиме Северна Македонија како демократска и функционална правна држава, со еднаквост пред законите и еднакви можности за развој и за напредок за секој нејзин граѓанин. Фокусирани на општото добро и на јавниот интерес ќе создадеме услови за нашите млади да останат во својата татковина и тука да се вклучат во битките за напредок на секое поле на животот£, порача шефот на државата.