„Оттука, од револуционерно Куманово, каде на 11-ти октомври 1941-та година започнува македонското антифашистичко и народноослободително востание,
од мојот, вашиот роден град, од градот на достоинството и пркосот, браникoт на слободата и симбол на непокорот ја испраќаме пораката дека непокорот и слободата се во македонскиот ген. Ова антифашистичко – партизанско и илинденско историско наследство е во нашиот фундамент“, истакна премиерот Димитар Ковачевски во своето обраќање по повод празникот 11 Октомври – Ден на востанието; 11 Октомври на Плато Спомен Костурница во Куманово.
Тој потсети дека сите клучни битки во минатото за слобода и прогресивна македонска иднина се добиени со непокор. И додаде дека затоа учиме од минатото, но гледаме кон иднината.
„Со определбата за прогрес, во 1991-та година обезбедивме независност. Во 1993-та година државата стана членка на Обединетите нации. Во 2001-та година надминавме меѓуетнички конфликт. Во 2016-та година совладавме режим. Во 2017-та година ја обновивме демократијата. Во 2020-та година станавме членка на НАТО. Во 2022-та година започнавме преговори со ЕУ, по цели 17 години од добиениот кандидатски статус, при што го поставивме македонскиот јазик на рамноправно рамниште со сите официјални европски јазици“, рече Ковачевски.
„И денес, посветено градиме држава за сите, државата на сите, функционална, мултиетничка Република Северна Македонија, уникатен и одржлив модел на демократија, Европа во мало. Поради тоа сме препознаени како фактор на стабилноста и безбедноста во регионот и во Европа“, заклучи Ковачевски.