Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски, на денешната прес-конференција ја повика Владата уште денес да свика седница и да си ја коригира листата со производи и да ги врати со стапка на ДДВ од 5 %.
Во листата на производи што од денес ќе биде со 10 наместо со 5 % ДДВ се наоѓаат и прехранбени производи, кои се со замрзнати цени до 30 ноември оваа година, рече Стојаноски.
„Значи, министрите во неколку дена за едни исти производи ги замрзнаа цените бидејќи се основни прехранбени производи, а во исто време ги ставија и на листа на луксузни производи. Има ли капетан на бродот или сидрото силно влече напред, ама кон дното?
Се обидовме да ги разубедиме колегите пратеници од СДСМ и ДУИ да не ги поддржат измените на законот за ДДВ предложени од Владата, но за жал нивната волја е киднапирана од извршната власт. Со измените на Законот се предвидува да ви се земат десетици милиони евра поради покачено ДДВ на храна“ изјави тој.
Стојаноски рече дека на листата нема перка од ајкули, месо од делфин, кит ама замрзнатите теста, млечни и сирни намази, сирење и урда, зденка, пармезан, ајдемер и гауда кашкавал, павлака за готвење, растителните сирења и намази ќе бидат дополнително оданочени.
„Поскапи ќе бидат и лутеницата, цвеклото, фефероните, мајонезот, сите видови апетисани, компоти, конзервирана храна, полнети макарони, тортиљи и нудли станаа луксуз според Ковачевски, па народот ќе треба да ги плаќа поскапо. Поскапува и храната за децата, како гризот, овесните снегулки, муслите, сладоледот, еурокремот, сите видови бонбони, чипсот, сите чаеви, тропското овошје, сите видови сушено овошје, сусамот, сончогледот, инстант кафињата, наполитанките, црниот бибер, мастиките, најголем дел од зачините.
Ова се производи од секојдневието на секој од нас, кои власта одлучи да ги поскапи. Живее во време на двоцифрена инфлација изминативе две години, која е особено висока кај храната и надминува 30 %, а кај некои прехранбени производи и над 50 %“, порача пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ.