25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Каевски: Мицкоски и ДПМНЕ ја имаат последната шанса да се престројат зад државните и национални интереси

Портпаролот на СДСМ, Дарко Каевски, истакна дека манифестот за преговорите со ЕУ зад кој застанаа СДСМ и сите политички партии од парламентарното мнозинство е добра основа за обединување на европскиот пат.

Според него, манифестот е во насока на црвените линии и заклучоците по однос на европскиот предлог усвоени од страна на парламентарното мнозинство.

„Ги повикуваме сите политички партии, а особено ДПМНЕ да дадат поддршка на овој важен документ за европската иднина. Следствено на манифестот треба да се случат и уставните измени зад кои треба да застанат сите политички партии и пратеници кои и мислат добро на државата“, вели Каевски.

Тој додаде дека Мицкоски и ДПМНЕ ја имаат можеби последната шанса да се престројат на страната на државните и националните интереси, и така ќе покажат дека се за европската иднина на државата. Во спротивно, рече Каевски, ќе покажат дека сите оние декларативни заложби за ЕУ биле само обичен блеф пред граѓаните, пред домашната и меѓународната јавност.

„По 17 години во чекалната, ги започнавме преговорите со ЕУ, скриниг процесот се одвива одлично и следно е отворање на првите поглавја за што е потребно усвојување на уставните измени, согласно Преговарачката рамка. Време е за глас за Европа во македонското собрание, време е за обединување околу стратешката цел – членство во ЕУ со заштитен и потврден македонски јазик и идентитет“, заклучи портпаролот Каевски.