25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Шаќири: Им помагаме на студентите да си обезбедат здрав оброк, од октомври средствата ќе ги добиваат на наменска платежна картичка

Министерството за образование и наука склучи договор со Шпаркасе банка АД Скопје за реализација на исплатите за субвенциониран студентски оброк, со што се овозможува средствата да се користат исклучиво за субвенционирање обезбедување здрав оброк на студентите.

„Во новата академска година студентите ќе ги добиваат паричните средства на наменска платежна картичка. Ова е системското решение со кое нашите студенти, исто како и нивните европски колеги, добиваат финансиска поддршка само за намената за која се одвојуваат од буџетот на МОН – да им помогнеме во обезбедувањето здрав оброк“, рече Шаќири.

Сите студенти што ќе стекнат право на субвенциониран студентски оброк, ќе треба да потпишат договор со банката за отворање посебна сметка поврзана со наменската платежна картичка за субвенциониран студентски оброк независно од тоа дали претходно биле нејзини клиенти. За отворањето на сметката, издавањето и одржувањето на платежната картичка студентот нема да има трошоци, појасни МОН.

Додаваат дека субвенциониран студентски оброк е финансиска поддршка во износ од 140 денари, наменета за купување приготвена храна, а студентот може да ја користи од понеделник до сабота кај правни лица што произведуваат, подготвуваат или продаваат храна.

Наменската картичка е дел од пакетот што ќе го добие студентот што стекнал право на субвенциониран студентски оброк.

Реализирањето на субвенционираниот студентски оброк како системско решение значи остварување на заложбата на Владата и на Министерството за образование и наука за поголема финансиска поддршка на младите. Годишно за оваа мерка од буџетот на МОН се одвојуваат над 940 милиони денари, соопшти МОН.