13.8 C
Скопје
12. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Сузбиена меѓународна мрежа за шверцување мигранти, биле пренесувани преку Македонија

Во текот на јуни 2023 година, со координација и поддршка од Интерпол и Европол, а со активно учество на Министерството за внатрешни работи, беше реализирана меѓународна оперативна акција во пет земји, во која беа лишени од слобода 62 лица, од кои 25 кубански државјани, а беа запленети и фалсификувани документи и пари.

Членовите на криминалните групи за да ги промовираат своите услуги на ранливите граѓани (во случајот кубански државјани), користеле апликации на социјалните мрежи, при што за сума од речиси 9.000 евра криминалците ги организирале патувањето, трансферите и обезбедувале фалсификувана документација, потребна за влез во Европската Унија. Мигрантите користеле авионски превоз од Куба до Србија, па преку Северна Македонија се обидувале да остварат нелегален влез во Грција, од каде што го продолжувале патот кон Шпанија. Се проценува дека околу 5.000 кубански државјани биле прошверцувани во ЕУ генерирајќи им профит на криминалните групи од приближно 45 милиони евра.

Спроведената истрага открила комплексна криминална мрежа поставена во Грција, Србија и во Шпанија, чии членови се адаптирале на сите околности со цел да го продолжат криминалниот бизнис. Шверцерите и нивните соработници, кои го олеснувале движењето на лицата мигранти од Куба низ Северна Македонија, биле во најголем број српски државјани, а имале свои помагачи и во нашата земја. Притоа при откриените случаи на кривично дело шверцување мигранти на лица од Куба во Северна Македонија сторителите беа процесирани пред надлежните органи со соодветни поднесоци.

Имено, Србија и Северна Македонија имаа безвизен режим со Куба и тој беше искористен за остварување легален влез сè до 1.1.2023 година кога Северна Македонија донесе одлука за воведување виза за Куба, односно до април 2023 кога тоа го стори и Србија.

Истрагата, координирана од Интерпол и од Европол, беше поведена во октомври 2021 година кога Финска, Грција, Северна Македонија и Србија пријавија зголемен број кубански граѓани што се обиделе да влезат во Европа со лажни документи.

Најпрвин кубанските државјани користеле комерцијални летови за Русија, каде што криминалците им нуделе опција илегално да ја преминат руско-финската граница и така да влезат во ЕУ, а како друга опција им нуделе летови за Србија, па од таму да го продолжат своето патување во Централна или Јужна Европа. Меѓутоа, по почетокот на конфликтот во Украина, рутата се променила, па кубанските државјани летале од Германија за Србија. Криминалните мрежи потоа им го олеснувале илегалниот влез во Северна Македонија и во Грција често принудувајќи групи со мигранти да се движат ноќе со часови, без резерви храна и вода. Некои од најранливите мигранти, меѓу кои и малолетници, биле изложени на измами, грабежи и изнуда, а некои жени биле префрлени во други криминални групи заради сексуална експлоатација.

Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија преку соодветните единици имаше активна улога од почетокот на оваа истрага.

Беа одржани оперативни состаноци со сите засегнати држави во седиштата на Интерпол во Лион, Франција и на Европол во Хаг, Холандија. Исто така, беа одржувани и состаноци на билатерално ниво помеѓу Северна Македонија и Србија и Грција за споделување информации што би можеле да бидат од корист за истрагата во земјите.