17.8 C
Скопје
19. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИС

Битиќи: Финансиската помош на Владата ги развива домашните компании

Вицепремиерот задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, во рамките на посетите на компаниите од Скопскиот Регион, кои се наоѓаат во портфолиото на Законот за финансиската помош на инвестициите, ја посети „Бурдем пластик“, семејна компанија формирана во 2002 година, која се занимава со производство на пластични производи за домаќинство.

Во изјавата вицепремиерот Битиќи рече дека при обиколката на производствените погони на компанијата видел интензивно инвестирање во осовременување и модернизирање на машинскиот парк.

„Се радувам кога гледам дека финансиската помош на Владата за оваа компанија придонесе за забогатување на производната линија со многу нови артикли и со најнови модели од пластичните производи. Преку договорот за финансиска поддршка за периодот 2018-2022 година, за мерките ‘поддршка за пораст на капитални инвестиции и за зголемување на конкурентност на пазарот’, на ‘Бурдем пластик’ за инвестиција од над 15 милиони денари ѝ беа исплатени над 2 милиони и 400 илјади денари финансиска помош, која компанијата ги искористи за набавка на нови машини и калапи“, изјави Битиќи.

Вицепремиерот Битиќи додаде дека ова е и целта на планот за економски раст поставен во 2017 година – да ги развива домашните компании, да ги прави конкурентни на домашниот и на странските пазари, а тие ќе возвратат со отворање нови работни места за нашите граѓани.

„Само во Скопскиот Регион поддржани се 181 компанија, кои до денес имаат добиено околу 1 милијарда и 200 милиони денари финансиска помош за своите инвестициски циклуси“, изјави Битиќи.

Сеад Сулејмани, менаџер на компанијата, во својата изјава изрази задоволство од досегашната соработка со Владата, која го препозна квалитетот на нивната компанија.

„Задоволни сме од досегашната соработка со Владата и ги цениме нивните напори за поддршка на семејните бизниси како нашиот и ги охрабруваме да продолжат уште повеќе во оваа насока“, изјави Сулејмани.