Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ЛОКАЛНО

Скопските градоначалници на нозе: најава за кривична против Арсовска, „Дрисла“ да ги отвори рампите

Градоначалниците бараат итно решавање на проблемот со отпадот во Скопје.

Советот на Скопскиот Плански Регион донесе одлука да побара извештај од Град Скопје за состојбите поврзани со комуналната хигиена. Градоначалниците апелираат Град Скопје да ја разгледа состојбата и да преземе мерки за итно постапување од Јавното претпријатие „Комунална хигиена Скопје“ во решавање на проблемот, како и иницијатива самите општини да ја преземат механизацијата за одржувањето на комуналната хигиена.

Тие ја повикаа градоначалничката Данела Арсовска веднаш да најде решение за проблемот и да не го остава градот блокиран. Побараа „Дрисла“ да ги отвори рампите за да може нивната механизација да продолжи да работи. Градоначалникот на Центар, Горан Герасимовски, рече дека тие немаат големи камиони за да го подигнат отпадот од контејнерите од булеварите, но дека со таа механизација што располагаат, ќе го сработат она што може.

Градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ, пак, ја повикаа градоначалниката Данела Арсовска да поднесе оставка. Велат дека со месеци слушале демагогии од градоначалничката, но дека граѓаните не ги интересира што е проблемот, туку градот да им биде чист зашто за тоа плаќаат.

„ Ги повикувам од ‘Дрисла’ да ги отворат рампите за да ова го сработи некој што е способен. Никој од нас не штити никого што не одел на работа, но не може за сметка на 20-30 луѓе цел град да биде заложник. Факт е дека во моментот 1.200 луѓе во ‘Комунална’ не работат ништо. Никој не може да се блокира градот поради сомнеж за нешто“, рече градоначалникот на општина Кисела Вода, Орце Георгиевски.

Тие велат дека немаат ингеренции да го решат проблемот, но дека нема да се повлечат и ќе бараат законско решение. Ако нема постапување, најавија кривична пријава против Арсовска.

Спонзорирано: